Германскиот тенисер Александар Зверев, кој е 12-то рангиран играч во светот, по победата над Александар Вукиќ (50) во првото коло изјави дека се чувствува мирис на марихуана на целиот терен и додаде: „Тренот 17 мириса како дневната соба на Снуп Дог.“
Покрај Германецот, на мирис од канабис се пожали и поранешната втора тенисерка во светот Гркинката Марија Сакари. Моментно осмата тенисерка во светот загуби од Шпанката Ребека Масарова (71. на ВТА), но на прес-конференцијата изјави дека мирисот на марихуана не влијаел толку на нејзиниот настап, „иако беше доста силен“.
Таа додаде дека играњето на отворен терен, лоцирано во близина на паркови, повлекува разни мириси, а спортистите мора да се навикнат на тоа.
„Понекогаш мирисате на храна, понекогаш цигари, а понекогаш и марихуана. Не можеме да влијаеме на тоа. Паркот е блиску, луѓето можат да прават што сакаат“, вели Сакари.
Тениската асоцијација на Соединетите Американски Држави (УСТА) започна истрага за да утврди од каде доаѓа мирисот на марихуана.
Портпаролот на УСТА изјави дека ја прегледале снимката од натпреварот одигран среде бел ден, но не нашле докази дека некој од гледачите пушел марихуана на трибините. Затоа веруваат дека мирисот дошол од блискиот „Корона парк“, кој се наоѓа веднаш до Националниот тениски центар Били Џин Кинг.
Американските медиуми потсетуваат дека мирисот на марихуана на терените на САД Опен не е нов случај. Австралискиот тенисер Ник Киргиос, кој оваа година не игра на последниот грен слем сезонава, минатата година се пожали на смрдеа, бидејќи порано во животот имал проблеми со астма.