Железничкиот сообраќај во Македонија незапирливо умира, во период кога  Европската Унија во континуитет инсистира на зголемување на користењето на возовите, како последица на климатските промени предизвикани од емисијата на стакленички гасови. Двете преостанати линии, Скопје – Гевгелија преку која се одвива патничкиот сообраќај и се превезува стока и онаа од Битола до главниот град, се во прекин, а меѓународни линии немаме одамна.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ја гледа вината за ваквата состојба во „Македонски железници“ и потенцира дека „не си ја врши работата и затоа властите ќе ги отворат вратите на оператори од регионот“. Синдикатите, пак, се сомневаат дека намерно се турка Железница во безизлезна состојба.  

Да тргнеме по ред. Поради напукнат бетонски столб на мост на Црна Река, на линијата Гевгелија – Велес меѓу железничките станици Кукуречани и Градско во близина на Стоби, железничкиот сообраќај на овој патен правец целосно е во прекин од вторникот (14 ноември) попладне од 15:25 часот, и патничкиот и товарниот, и се одвива со префрлање на патниците од воз на автобус.

– По анализата од професорите на Градежниот факултет во Скопје, најавено е неделава да почне санацијата на столбот, што треба да биде околу два месеца. Стручњаците предлагаат да се гради нов железен мост на Црна Река, погоре од постојниот, кој ќе биде постабилен и посигурен за превоз на стока и на патници. Но, за овој проект, финансиски средства треба да одобри Владата – потенцираат од „МЖ – Инфраструктура“.

Во меѓувреме, железничкиот сообраќај на релација Скопје – Гевгелија, преку Велес, и обратно се одвива со „префрлање“ – со автобуски превоз. Од Скопје возовите сообраќаат до Градско, додека од Гевгелија сообраќаат до Криволак. Од наведените железнички станици Градско и Криволак, патниците се превезуваат со автобуски превоз.

Поради вакво префрлање на патниците од воз со автобус, овој воз Гевгелија – Велес веќе шести ден наместо во 6:27 минути, од железничката станица во Велес поаѓа за Скопје со задоцнување од два часа, во 8:20 часот.

Од друга страна, десет дена не сообраќа единствениот воз на релација Скопје – Битола и обратно поради расипана локомотива.

– Локомотивата е расипана од минатиот понеделник, а кога по три дена штрајк, овој и останатите возови требаше повторно да сообраќаат, се расипа локомотивата – информираат од „Македонски железници“.

Патниците од Велес, кои секојдневно патуваат на работа и на училиште во Скопје, се револтирани што го немаат овој воз, кој многу им значи. Особено револтирани се жителите од селата на Азот – Богомила, Теово и Согле, на кои овој воз им е единствената врска до Велес, Скопје, Прилеп и до Битола. Од „Македонски железници“ забрзано работат на оспособување на локомотивата и очекуваат повторно да биде пуштена во сообраќај оваа среда или четврток.

Ресорниот министер Бочварски вели дека со години и со децении претпријатието „Македонски железници – Транспорт“ работи во тешки услови, со финансиска поддршка од Владата за да може да реализира одреден број линии во оперативниот план. Лани, владината помош изнесуваше 15 милиони евра, а оваа година очекува поддршката да достигне до 25 милиони евра.

– Би го поставил и прашањето дали се задоволни граѓаните од тоа што го прави ова претпријатие и дали ние, како Влада, сме задоволни. Но, сите сме согласни дека ова претпријатие не си ја врши работата што ја очекуваат граѓаните од него. И токму поради тоа, во Собранието е законот за либерализација на превозот и очекуваме по изгласувањето на овој закон, да им се отвораат вратите на други оператори од регионот, кои сакаат да оперираат по македонските железнички пруги – истакна Бочварски и најави дека ќе се продолжи и во делот на изградбата на железнички пруги.

(С.Бл.)