КОЛУМНА, ПЕТАР БОГОЈЕСКИ: Јавна служба без дружба

373

 

Администрацијата е отворена рана на државата Македонија, која не зацелува. „Тече гној, тече крв, кој искочи, тој е прв!“ е решението кое ни го понуди „На прав пат“. Вистина е дека во овој момент на таа тема имаме само една и тоа нивната понуда. Но тоа до денес. Субвенции за „искочување“, трансфер на вработени од државен во приватен сектор… нешто барем се обидуваат да понудат. „Обновата за Македонија“ појма нема што е тоа администрација. Нив ги интересира само одмазда за тоа што некој им земал неколку години, да не можат верно да му служат на почитуваниот господин Груевски. Сега ќе се одмаздувале. Е толку можат и толку знаат. Тоа е нивната понуда, одмазда. Затоа ние имаме алтернативна понуда, „Македонски концепт“, на овие две горенаведени. Сакаме да промовираме конечно решение.

Македонски концепт нуди поквалитетно решение од она „На прав пат“ и од она што не постои од „Обнова на Македонија“, кое се базира на три клучни елементи: рационализација, дигитализација и пренесување на јавни овластувања. Во делот на рационализација не сме нешто посебно иновативни, колку што сме посебно храбри со предлогот. Се започнува со измена на Уставот, со цел таа рационализација да започне од највисоко, од првиот „административец“, шефот на администрацијата, првиот народен слуга, т.н. премиер. Секако и со неговите кабинетски пријатели, „слугите со привилегии“ т.н. министри. Трети во процесот се народните претставници, т.н. пратеници. Имено, промовираме „стек на функции“, спој на извршна и законодавна власт (тука ќе промовираме проект плус), во дел од своите надлежности. Премиерот и министрите да може да бидат и пратеници, секако доколку биле кандидати и избрани од пратенички листи. Бројот на пратеници се намалува на 100. И онака премиерот и министрите си носат какви сакаат предлози на закони во Влада, а нивните пратеници гласаат сè што ќе посакаат овие првите. Намерно тоа „нивните пратеници“, зашто тие се најмалку народни пратеници. Со оглед на фактот што веќе промовиравме проект „Пратеници – волонтери“, во овој случај премиерот и министрите ќе земаат една плата, а ќе извршуваат две функции, кои и онака де факто ги извршуваат. Ако бројот на пратеници се намали на 100, а притоа дел од нив, на пример 10, се премиер и министри, де факто остануваат уште 90 пратеници да се „хранат“ од народот. Така со еден куршум, два зајаци. Ќе заштедиме милиони од државниот Буџет. Следна рестрикција е таа на бројот на министри, а не само на административци или ситни институции. Не да маваме по „ситните риби“. Да започнеме од министрите. Во делот на здравство, може да влезе и спорт, како превентивна здравствена заштита. „Стек“ од образование и култура… МНР и европски интеграции… Земјоделие и животна средина… и т.н. и т.н. да дојдеме до максимум 10 министри, плус еден премиер. Следен процес е рационализација на потребите од јавна служба. Констатирање на реално потребни работни места во администрацијата и целосно прераспределување на постојните вработени на тие „реални места“. Преквалификации и доквалификации на сметка на Републиката. Тука ќе даде поддршка и светот. Ќе се потрошат милиони, но за 2 години ќе имаме административни работници кои ќе се гордеат со својата работа и својата плата. Тоа пак ќе ни заштеди и врати милиони во следните години. Тука, чесно е да се каже дека нешто работи „На прав пат“, но како по обичај се удира на најслабите и на „различните“ во администрацијата, а се забораваат привилегиите и милионите што ги трошат премиерот, министрите и пратениците. Нивниот предлог за намалување на бројот на институциите го поддржуваме со две раце, но да се започне од највисоко! Потоа рационализацијата на администрацијата… нема доволно простор.

Дигитализацијата ја промовиравме со проектот „Државен шалтер“, кој се обидоа да го украдат и едните и другите. Арно ама, не може да спроведеш украдена идеја. Тоа може само тој што ја осмислил. За нас е смешен обидот на власта да ни дигитализира барање на шалтер. Ние зборуваме за суштина, за електронски административен процес, за пристап до граѓаните, за едноставен и брз сервис… кој ќе заштеди милиони, од кои ќе ја платиме „преквалификацијата и доквалификацијата“ на администрацијата, доколку не помогне светот. Овој проект е промовиран, ќе биде подетално образложен, да не трошиме тука простор.

Е сега доаѓа клучното, пренесување на јавни овластувања, на надлежности. Тука „Обновата“ математички прецизно молчи, зашто секој потег го пресметува во гласови, а не сака да изгуби ниту еден глас од администрација. Како пијаницата, кога ќе му кажат дека играчката за детето чини 500 денари, тој веднаш таа сума во главата ја претвора во литри ракија, па се одлучува да не ја купи играчката. Е тоа е таа пуста „обнова“. Етика нула! Предлогот на „На прав пат“ за дивестирање на вработени во администрацијата, преку нивно превработување во приватниот сектор, на доброволна основа, го поимаме како утопија. Нехуман пристап, кој длабоко ги загрижува и вознемирува административците, а тоа трае со години. Агонија со години. За разлика од нив, ние имаме иновативно решение, како што ни доликува на платформата, која ја промовираме, „Македонски концепт“. Нашето решение е пренесување на јавни овластувања на приватниот сектор. Овластувања, не вработени. Секако, доколку се пренесат овластувањата, монополот, бизнисот, со тоа одат и вработените. Лиценцата за извршување на „јавна дејност“ од страна на приватниот сектор ќе биде временски ограничена, согласно методологија за нужноста од инвестирање од страна на носителите на лиценцата, со цел да се подобри услугата. На пример, издавање на лични карти и пасоши, наместо МВР ќе го прави приватна лиценцирана компанија. Доколку процесот за лиценцирање предвидува и обврски за носителот, на пример да отвори 10 нови пунктови за апликација за лични документи, а тоа бара инвестиција, лиценцата ќе се издаде на период од 5 години. За тој период, специјалниот Инспекторат за јавни овластувања (составен од стотици инспектори кои не знаат што им е работата), ќе врши мониторинг на извршување на обврските од приватниот субјект. Лиценцата ќе може да се одземе и пренесе на второрангираниот, доколку се констатираат неправилности или државата да си ги врати овластувањата. Во таа смисла, сите вработени, врзани за тој „јавен бизнис“, влегуваат во приватниот сектор. Значи вработените се носители на професијата, на овластувањата. Така за нив е обезбедена реална служба и плата. Ова е применливо буквално за сите сектори на јавната служба. Посебно комуналните дејности, каде имаме илјадници „административци“.

Македонски концепт го нуди јавното претприемништво како решение, како нов облик на управување и организација на јавните сервиси. Нуди ефикасност, економичност и ефективност! Тоа пренесување на јавни овластувања на приватен сектор, а не само вработени, е одржливо решение за најтешкото, за јавната администрација! Тука сме уникатни и супериорни! А зошто? Затоа што на овој начин го поразуваме монструмот – партизација и непотизам во администрацијата. Приватните компании нема да толерираат „партиски или фамилијарни кадри“. Туку кадри кои ќе направат сè, кои ќе работат толку стручно и ефикасно, за да ја „куртулат“ лиценцата на газдата, а со тоа и лебот за себе. А граѓаните ќе добијат најквалитетна услуга за која помислиле до сега. Овдека со еден куршум, тепаме пет, а не два зајаци.

Иднината на земјата е стабилна економија. Иднината на економијата е стабилен и просперитетен приватен сектор. Иднината на квалитетната услуга за граѓаните може да ја обезбеди само високопрофесионален приватен сектор! Точно знаеме како тоа да го реализираме! Претприемништвото треба да биде врвна вредност не само во приватниот, ами и во јавниот и социјалниот сектор. Само така ќе дојдеме до „јавна служба без дружба“!

Петар Богојески с.р