Какво општество градиме и какви тоа вредности штитиме? До кога полтроните, некадарните, налудничавите, примитивците и ситните души ќе ни го обликуваат општеството и животот и ќе ни се качуваат на глава, навредувајќи ни ја интелигенцијата. До кога дибеци и недоветни, неписмени и просечно интелигентни ќе раководат со државата, ќе го креираат јавното мислење и во име на народот ќе го разнебитуваат и она малку што останало од нормалноста.
Пред неколку години со една налудничава пресуда беше забранета книга на Стојан Андов, пресуда која Апелациониот суд ја укина и предметот сè уште трае.
Пред неколку дена слична пресуда донесе истиот суд со која судот цени и проценува кој е новинар, а кој не, што е медиум, а што не, што е истражувачко новинарство и кој смее да објавува во јавноста. Со истата пресуда му забранува на ИРЛ, кој според судот не е медиум туку е граѓанско здружение, да емитува и продуцира содржини за граѓаните и јавноста, туку тоа да го прават само самите за себе. Судот при донесувањето на одлуката се повикал на приватниот интерес кој мора да го заштити и кој во конкретниот случај има поголема тежина од јавниот интерес. Но она што навистина загрижува и што иритира е леснотијата со која се изнесуваат небулози и невистини во пресудата со што се прави исклучително опасен преседан кој може да има далекосежни последици во иднина. Во својата одлука судот наведува дека „Судот ги изведе како доказ и ги ценеше поплаките што тужителите ги доставиле до Здружението на новинари и Здружението одлучувало по истите, но најде дека овие докази се ирелевантни и без значење во конкретниот случај, во услови кога судот утврди дека Здружението на новинари како здружение не може да врши надзор над друго здружение, туку за тоа надлежен е друг орган во државата“.
Ваквата логика на Судот и констатациите, содржани во пресудата, се во најмала рака толку смешни и апсурдни да секој малку писмен човек истата единствено може да ја гледа како шега. Врз основа на кои критериум и мерила судот проценил дека некој не е новинар, навистина не е јасно. Кои тоа услови треба да бидат исполнети за некој да добие статус на новинар, исто така не е јасно што само покажува дека судот произволно и од ракав ги вади дефинициите и произволно и без каков било основ утврдува нечиј статус, занимање. Се прашувам како судот би ги третирал фриленсерите, колумнистите и другите кои создаваат „продукти“ кои се објавуваат во јавноста. Како ли го третира судскиот портпарол за односи со јавноста, судско медиумскиот совет, здружението на судии и нивните „продукти“ кои се објавуваат во јавноста.
Законот за граѓанска одговорност предвидува дека ако тужениот докаже дека објавеното е засновано врз вистинити факти, или ако докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на таквите факти, или ако изјавата содржи оправдана критика или поттикнува расправа од јавен интерес или е дадена во согласност со професионалните стандарди и етика на новинарската професија не одговара за клевета.
Во емисијата предмет на спорот беа објавени повеќе документи кои ја поткрепуваат и докажуваат сторијата на ИРЛ, но за судот очигледно тоа не е важно.
Со ваквата апсурдна и срамна одлука не се задира само во новинарската професија туку посредно се праќа сигнал и на невладините организации и здруженија на граѓани кои имаат огромна улога во сите сфери на општественото живеење и кои создаваат, како што тоа судот го наведува, ‘продукти’ кои се објавуваат во јавноста, се публикуваат, емитуваат. Од оценки за состојбата во правниот систем, изборите, образованието, економијата па се до маргинализираните заедници секојдневно невладиниот сектор ги следи состојбите во општеството, известува, критикува и предлага решенија. Според ваквото размислување на судот резултатите од своите истражувања здруженијата треба да ги користат само пред своите членови никако во јавноста, што е далеку од секоја логика и памет.
Против ваквите ставови, кои се вон разумот, треба сите да дигнеме глас затоа што е загрозена слободата на говор и изразување и затоа што не знаеме кој е следен на ред.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)