КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Забoлена иднина

227

Бескрајно тажни очи вперени во ќесичка „смоки“, поглед што како огледало ја отсликува напатената и намачена душа. Ќесичката „смоки“, која ја држи едно детенце, е секојдневие за него, а вистински луксуз, недостижен за девојчето со натажени очи. И нема прекор, нема лутина во тие детски очи, само бескрaјна тага и безброј прашања без одговор. Со солзи во очите раскажува за своето тешко детство, а тагата и болката во нејзините зборови речиси можеш да ги допреш со рака кога раскажува за својот брат, кој ги дели нејзините судбина и проклетство. Немоќта, сестринската немоќ ја крши и ја раскинува душата. Општеството и луѓето за прв пат ја слушнаа нејзината животна трагедија благодарение на новинарот што имаше време и желба да ја слушне нејзината болка, новинарот што не ја сврте главата како другите, што не ја одмина и не ја заборави на вториот чекор.

И не само што ние како луѓе, како општество ја вртиме главата и ги затвораме очите пред туѓата мака, несреќа, животниот понор туку тоа го прават и оние што се должни да реагираат во ваквите случаи, центрите за социјална работа, Министерството… А, толку малку треба па тагата и несреќата да исчезнат, пеколот да се претвори во нормално детство. Доволно е да погледнеме околу нас, да не ја вртиме главата, да не ги затвораме очите и да ги отвориме срцето и душата. Доволно е едно политикантче од оние безброј што ги имаме и што секое утро ги возат и развозуваат по Партизанска со три возила придружба, да се откаже од едно од возилата, да се откаже од еден прием, од еден ручек во кафеана, од едно мало тендерче, па ова дете да биде обезбедено за цел живот. Но, за жал, нема никогаш да се случи тоа, затоа што расипаноста ја избришала солидарноста, себичноста ја јавнала милосрдноста.

Закрвавен поглед од кој извираат бес, злоба, разгаленост до расипаност, ја кубе својата соученичка, а скинатите прамени коса ги остава на наставничката катедра. Разгаленост и аздисаност го довеле овој второодделенец до состојба на расипаност и абнормалност и го направиле насилник. И како да е малку кубењето, тепањето на соучениците, малиот насилник ги „гасне“ своите нарушување и жед за туѓа болка со соблекување на соученичка и бришење на подот во тоалетот со нејзината облека. Училиштето и одговорните затвораат очи пред ваквото сериозно детско нарушување, молчат родителите на понижените и истепани деца, се прават недоветни родителите на насилникот. Ја вртат главата надлежните, институциите, општеството и дозволуваат насилникот да добие впечаток на моќ и недопирливост. Токму таквите моќници и недопирливи, заедно со разнебитеноста на семејствата и напуштањето на традиционалните вредности, се одговорни за разнебитување на системот, за урнисување на општеството и за создавање земја од која бегаат младите, а оние што остануваат се соочуваат со безнадежност, безизлезност, хаос и со разнебитеност на системот, кој не ги унапредува, туку ги уназадува како луѓе.

Токму тоа се резултатите од истражувањето спроведено во 2022 година, во рамките на меѓународната ХБСЦ студија за однесување поврзано со здравјето кај децата на училишна возраст од 11, 13 и од 15 години. Дури 57 % од девојчињата на 15-годишна возраст се секојдневно нерасположени, со психосоматски тегоби како болки во стомакот, главоболка, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и со концентрацијата. Оваа бројка, според истражувањето, не само што расте туку и старосната граница се спушта, па девојчиња на 11-годишна возраст се со нарушено ментално здравје. Загрижувачки е што и задоволството од животот опаѓа при возраст од 11 до 15 години, а загрижувачки е и растечкиот тренд на ризично однесување на младите како што се пиењето, пушењето, тепачките и проблематичното користење на социјалните медиуми. Фрапантна е бројката на сексуално активни момчиња на 15 години, која се движи околу 30 %, но и сè почестите и зголемени малтретирање, сајбер-малтретирање, емоционално и сексуално злоупотребување.

Ваквите состојби и случувања кај младите, особено кај адолесцентите, се загрижувачки и алармантни, а се последица на нашето дејствување или пасивност во општеството. Последен миг е да се прашаме за нашето однесување како возрасни што младите го копираат, за нашите вредности што им ги пренесуваме на младите и за пораките што им ги испраќаме за животот и за животните вредности. Доколку сериозно не го смениме нашиот однос кон животот и кон општеството,  нема да бидеме во состојба да израснеме здрава и нормална иднина, затоа што децата ги мерат нашите постапки, не празните зборови. Само здрава, задоволна и нормална младина дава нормална иднина.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)