КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Битангите на Сократ

204

Постојано се зборува за демократија, човечки права, народот и граѓанинот како најголема вредност, но како и се друго  најголем дел се празни зборови без каква било вредност и примената во пракса и во животот. Дали воопшто денес можеме да зборуваме за демократија и вистински демократски вредности во ваква разнебитеност на општеството, изгубени морални вредности, примитивизам во политиката и во секојдневието, лукративните интереси кои се издигнати на највисоко ниво, безвредноста на човечкиот живот,непостоење на социјална политика, семоќност на поединци во власта и непостоење на одговорност.

Многу одамна уште Сократ зборувал за демократијата и го предвидел она што денес ни се случува. Демократијата мора да пропадне, предвидувал Сократ, затоа што сиромашните ќе го сакаат богатството на богатите и ќе го добијат, демократијата тоа ќе им го даде. Младите ќе го сакаат угледот на старите и ќе го добијат, демократијата тоа ќе им го даде. Жените ќе ги сакаат правата на мажите и ќе ги добијат. Битанги и пробисвети ќе ја сакаат власта и ќе ја добијат, демократијата тоа ќе им го даде. А тогаш кога битангите и пробисвети ќе ја освојат власта ќе настане таква тиранија која е полоша од секоја автократија.

Токму како што предвидел Сократ, пред векови, сиромашните го добија богатството на богатите прогласувајќи ги за воени профитери, петоколонаши, колаборационисти и кој знае уште што особено по револуциите во Русија, Куба, во балканските земји по Втората светска војна.

Со пропаѓање на социјализмот како уредување и идеја настапи таканаречениот транзиционен период, кој им овозможи на младите да го стекнат навидум угледот на старите па комплетното управување со државата и општеството го презедоа „клинци”. На неполни триесет години како прво вработување овие „клинци” станаа премиери, министри. И започна паралелен процес на корупција и богатење со  процесот на транзицијата во која јавните функционери почнаа да стануваат тајни битанги и пробисвети.

Но како одминуваше времето, а политиката ја јавна секоја област од општественото живеење и почна полека да го уништува државниот систем за да создаде состојба во која неказнивоста, нетранспарентноста, корупцијата ќе станат нормална состојба и секојдневие, престана криењето и тајните станаа јавни битанги и пробисвети кои немаа зошто повеќе да се кријат. Тие станаа се, тие станаа држава, закон, суд, власт и не одговараа пред никого , а единствена задача им беше акумулирање на државниот капитал и пари во сопствените џебови.

Демократијата стана само збор без содржина и суштина, стана обична флоскула  за замајување на народот.  Со корупцијата овие битанги и пробисвети енормно се збогатија што заедно со политичката моќ доведе до нивно осилување и недопирливост, па истите тие почнаа да креираат правила со кои ќе се замолчи интелигенцијата, критичарите, новинарите, општеството. Демократијата на хартија, содржана во празните зборови на битангите и пробисветите, стана тиранија на корумпираните над чесните, тиранија на изопачените врз нормалните, тиранија на простаците врз културните. Од општество и држава за пример станавме општество и држава за подбив, од слободарски и непокорен народ станавме покорен народ со свиткана кичма, традицијата ја заменивме со изопачени безвредности, културата со примитивизмот и простотилак, а писменоста, знаењето и квалитетот со незнаење, полтронство, непотизам и партиска или национална припадност. Со децении никој во државава и општеството не прашува кој си, колку знаеш или умееш, туку  прашува во која партија си, која ти е национална припадност и кој ти се роднините за да знае дали одговараш на профилот на Сократ, со еден збор дали си доволно голема битанга и пробисвет за да ти се довери власта.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)