КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Бескрајот на судските глупости

263

Само вселената и човечката глупост се бесконечни, но за вселената не сум сигурен, рекол Ајнштајн и згрешил за малку. Бескрајни се и глупостите на македонското правосудство, кое секој ден приредува по една стендап комедија.

Пред извесно време, стручна соработничка, која стана претседател на Судскиот совет, што е само по себе комедија, дополнително приреди уште една претстава кога даде оставка поради притисоци од судско-бизнис фелата што ги трпела. Иако прашана, таа никогаш не посочи за кого се работи, а уште помалку кажа имиња. Па така, се заврши така како што завршува кај нас, без завршница. По неа, следната стручна соработничка стана претседателка, која заврши неславно со грабање околу микрофонот, како да се работи за кафански пејачки.

Деновиве, и претседателката на Врховниот суд се пожали дека трпела притисок и одби да стави на дневен ред на седница на судии прашање на кое инсистира и Судот во Стразбур. Наместо судиите на Врховниот суд да расправаат за ова прашање и да заземат начелен став или мислење, притисокот со кој се соочувала претседателката бил толку силен што самата со себе си зазела став, кој јавно го искажа. По оваа комедија, не се јави ниту на поканата на Судскиот совет, кој ја повика да посочи кој ѝ прави тоа притисок.

Бескрајноста на вселената и можам да ја сфатам, ама никако не можам да ја сфатам бескрајноста на глупостите на првите луѓе на судството. Ваквото однесување и ваквата реторика на првите луѓе на судството покажуваат неколку работи.

Прво, покажуваат дека, како личности, ни морално ни професионално не се кадарни да се справат со притисокот за кој тврдат дека им се врши. Не постои држава на Земјината топка во која не се врши притисок врз судството. Но, постојат судства и судии што знаат да одолеат на тој притисок и знаат да се справат. За жал, нашите судии не се од таков ков и материјал, па, освен да лелекаат, не преземаат ништо друго дури ни кога се повикани да го сторат тоа. Непосочувањето на имињата на тие што наводно им вршеле притисок остава место за сомневање дека и немало притисок, туку е истиот изговор за сопствената некадарност, неспособност или увертира во некаква политикантска ујдурма. Ако, пак, имало притисок, а се плашат да ги посочат оние што вршеле притисок и влијание, нужно се наметнува заклучокот дека се работи за кукавици и преплашени глувци, кои и не заслужуваат да бидат судии.

Второ, ваквиот однос и реториката оставаат впечаток дека притисокот за кој зборуваат е само изговор да се избегне определена ситуација или одлука што и не им е по ќеф и мерак на оние од власта, која и да е. Ако ѝ се вршело притисок на претседателката за определено прашање што треба да се постави како прашање пред седница на судии, кои треба да го решат тоа прашање, нејасно е, ступидно и нелогично да не се стави пред сите судии прашање по кое само претседателката наводно трпела притисок. Она што може да се заклучи од ваквата стендап комедија е дека претседателката се плаши од одлуката на судиите, која може да има реперкусии за неа, па затоа решила сама со себе на седница да си го реши правното прашање и јавно да си ја соопшти одлуката.

Трето, смешни се и комични изјавите дека новинарите вршат притисок на судството со своето работење и со информирањето на јавноста. Еден бивш претседател на Судскиот совет ги прозиваше новинарите дека вршат притисок, обидувајќи се на тој начин да ги скрие своите некадарност и недоветност.

Најверојатно, и барањето на министерот за правда упатено до Судскиот совет да ја работат својата работа и да постапуваат по поднесените поплаки што содржат сериозни докази против судија, ќе ги оквалификуваат како притисок.

Бескрајна е глупоста на нашето судство, толку бескрајна што и бескрајноста на вселената може да ѝ позавиди.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)