Сведоци сме на секојдневни навредувања, плукање по сè и секого, невоспитан и безобразен однос меѓу луѓето, во кој особено предничат младите. Хулиганското и простачко однесување, непочитувањето на основните морални и човечки вредности, безобразниот и простачки речник станаа наше секојдневие. Малтретирањето од секаков вид, булингот, мобингот, семејното насилство, насилството од секаков вид станаа правило, а не исклучок.
Во едно општество што е долг временски период во криза, особено во криза на вредности, во која моралниот систем на вредности е разнебитен, образованието и воспитувањето маргинализирани и предмет на експериментирање, неминовно доаѓа и до криза на авторитетот. Денес, токму поради ваквите односи и случувања во општеството, повеќе не сме во состојба да го сфатиме вистинското значење на авторитетот, не сме во состојба да кажеме дали авторитетот означува нешто добро или лошо и особено не знаеме кому да му го „пришиеме“ авторитетот, со кого да го персонифицираме.
Во секоја човечка заедница, без оглед за каков вид и големина се работи, мора да постои организација и мора да постои некаков ред и правила во неа. Себичноста, саможивноста и слободата на секој поединец мора да бидат ограничени во содржина и во обем во кој се загрозуваат слободите и правата на другите луѓе.
Апсолутната слобода на секој поединец води кон анархија и хаос, кон безредие и кон уривање на системот. Токму затоа, во секоја општествена заедница, во секоја држава, мора да постојат ред и правила. Сето тоа нужно условува раководење и управување на заедницата, а тоа, пак, условува постоење хиерархија и авторитет. Хиерархијата и авторитетот се нужност и потреба на секоја организирана човечка заедница, особена ако таа претендира да биде функционална.
Со криза на вредностите, меѓу другото, настапува и криза на авторитетот, која се манифестира преку непризнавање и непочитување на авторитетот. Таквата состојба, збунетост на општеството во препознавањето и признавањето на вистинските авторитети од оние лажни и нивно ставање на исто купче, најдобро ја отсликува кризата на вредности.
Зборот „авторитет“ е изведен и потекнува од латинскиот глагол „аугере“, што значи зголемување, хранење, гоење и, како збор авторитет, го означува оној што придонесува за зголемување на општото добро.
За жал, вистинското значење на зборот „авторитет“ е одамна загубено, како и содржината, која е извитоперена, извртена, искривена.
Најчесто под поимот „авторитет“ денес се подведува и се мисли на поимот „авторитарност“, без да се знае и да се прави разлика меѓу овие два поима. Авторитативноста и авторитарноста се сосема различни поими, не само по своето значење туку и по своите содржина и суштина.
Авторитарност е општествен однос што фаворизира и негува претерано почитување на авторитетот на власта и на поединци како неприкосновени арбитри во сите прашања важни за социјалната организација на животот, институциите и политиката. Од таквиот однос на потчинет и надреден произлегуваат нееднаквоста во општествениот живот и неможноста за слободна мисла, слобода на говор и слободно искажување и задоволување на своите потреби и интереси. Авторитарноста е недемократска, се потценува вредноста на поединецот, се заснова на идејата на сила и страв, а се остварува со принуда и принудни средства преку државните институции и органи, политички партии, верски групи, преку системот на образование. Авторитарноста се одликува со отфрлање на политичкиот плурализам, со силна централизирана моќ за зачувување на политичкиот статус кво и со редукција на правниот систем. Паралелно со ваквиот систем, се гради и авторитативен менталитет, кој подразбира нездрав однос кон авторитетите, некритичка и апсолутна подреденост, слепа покорност и негација на слободата и слободното расудување, однос и состојба што ги опфаќа и надредениот и подредениот.
Авторитативноста, за разлика од авторитарноста, не е наметната, туку е стекната и заслужена со однос и дела, а потчинувањето е здраво и доброволно во контекст на општествените улоги на, условно кажано, надредениот и подредениот, кои знаат дека поради нивната позиција не произлегува дека оној на скалилото погоре е подобар од оној подолу. Авторитетот не се гради само во општеството туку и во семејството и тој процес е спонтан и базиран на љубов и на почит. Родителите им даваат на децата љубов, грижа, нега, но и воспитување, кое бара определено насочување, па и ограничување на некои желби на детето, кои се нереални или штетни. Преку градењето авторитет, се гради и хиерархија, во семејството – на постари и на млади, во општеството и во државата – на почитување на власта, органите и на институциите што работат во интерес, потреба и за благосостојба на граѓаните.
Со децении, во нашите држава и општество се гради авторитарност, затоа што поединците и личностите што доаѓаат на високи позиции во власта, ниту се во состојба ниту се кадарни да изградат и да стекнат авторитет. Тие немаат ниту морални, ниту интелектуални, ниту човечки, ниту професионални квалитети за да може да им се наметнат на луѓето со што било и да ја заслужат нивната почит. Еден наш познат глумец во само неколку збора ги има опишано овие наши денешни квазиавторитети кога рекол: „Нулата е број без големина, освен кога опишува некој човек, тогаш таа може да биде баш голема…)
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)