Колатерална штета на родовата неутралност: Ниту една жена не е номинирана за главната „Брит-награда“

22

Номинациите за овогодишните „Британски музички награди“ (Brit Awards) предизвикаа лавина коментари на интернет, откако ниту една жена не беше номинирана во категоријата „Најдобар изведувач“. Во трката за тоа признание се Стормзи, Централ Си, Фред Аген, Џорџ Езра и Хари Стајлс.

„Брит-наградите“ одлучија да ги укинат родовите категории од 2021 година, заради поголема „инклузивност“, што беше поттикнато и иницирано од пејачите Сем Смит, Вил Јанг и неколкумина други. Сем Смит, кој се изјасни како небинарен во 2019 година, па таа година автоматски беше исклучен од категоријата за најдобар машки изведувач, и покрај тоа што беше успешен уметник кој, според многумина, заслужи да биде во трката за главната награда.

И, иако Адел беше почестена со првата родово неутрална награда лани, многу корисници на интернет-просторот сега ги повикуваат организаторите да размислат за додавање уметнички како Чарли Екс-си-екс и рок-составот „Флоренс енд д машин“ на листата номинирани.

Претставничка на организаторите на „Брит-наградите“ одговори со објаснување дека минатава година имало нешто помалку жени на врвот на музичката индустрија кои објавиле нови албуми. Имено, за да бидат во трка за одличјата, изведувачите мора да имаат најмалку еден албум или два топ 20 синглови објавени меѓу 10 декември 2021 и 9 декември 2022 година.

И во категоријата за албум на годината, иако има повеќе жени како нови изведувачки, четворица од петте номинирани се мажи.

Организаторите, наводно, имаат намера да ја преиспитаат одлуката за родово неутрални награди по годинашната свеченост на доделувањето на признанијата на 11 февруари.