Се очекува, на владина седница во вторник, да биде одобрен предлог-законот за рестриктивни мерки. Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања во техничката влада, Бојан Маричиќ,  денес изјави дека се очекува во вторник да има, можеби, повеќе од една седница и да биде усвоен законот за рестриктивни мерки. Заменик- претседателката на Владата задолжена за добро владеење, Славица Грковска, вели дека не ја исклучува можноста за проширување на црната листа на САД, но тоа би било дополнителен аларм, како што вели, дека институциуите мора совесно и отчетно да работат. – Земјата не смее да ги игнорира пораките од САД, кои се однесуваат на борбата против корупцијата и мора да се преземат конкретни чекори – потенцира Грковска. Амбасадорката  Анџела Агелер порача дека официјален Вашингтон го поздравува секој закон со кој се бара отчетност, а не ја исклучи и можноста, пред изборите, да има нови имиња од државата на американската црна листа.

 Се очекува, на владина седница во вторник, да биде одобрен предлог-законот за рестриктивни мерки. Со него се предвидува сите оние што се на црните листи на САД и на Обединетото Кралство да подлежат на мерки и според македонското законодавство. Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања во техничката влада, Бојан Маричиќ, денес изјави дека нема никакви проблеми во функционирањето на техничката влада и дека очекува така да остане до крајот на мандатот, односно до почетокот на изборите.

– Се очекува во вторник да има, можеби, повеќе од една седница и да биде усвоен законот за рестриктивни мерки – изјави Маричиќ.

Настана разногласие меѓу политичките чинители околу предлог-законот за рестриктивни мерки откако Владата, со образложение дека е од административни причини, го повлече од собраниска процедура и најави дека ќе го стави на дневен ред на следната седница. Техничкиот премиер, Талат Џафери, на средба, меѓу другото, ја известил американската амбасадорка Анџела Агелер дека се прават дополнителни и сеопфатни консултации за овој предлог-закон, по што е предвидено повторно негово разгледување на следната владина седница. Амбасадорката  Агелер, во последното интервју за телевизијата „24“, порача дека официјален Вашингтон го поздравува секој закон со кој се бара отчетност, а не ја исклучи и можноста, пред изборите, да има нови имиња од државата на американската црна листа.

И шефот на дипломатијата, Бујар Османи, со изјава дека очекува во вторник, на владина седница, да биде одобрен текстот на законот за рестриктивни мерки. Тој додаде дека во актуелното решение, како видови рестриктивни мерки, се ембаргото за оружје, забраната за влез, финансиските мерки. Сега, посочи, додаваат поведување кривична постапка и преземање мерки за обезбедување.

Од Владата, во четвртокот, информираа дека предлогот на законот за изменување и дополнување на законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието.

На владината седница одржана на 16 јануари, Владата, едногласно, со консензус, изрази политичка волја да ги достави предложените законски измени до Собранието. Од Министерство за правда посочуваат дека предложеното дополнување на наведениот закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото Кралство“, било во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Северна Македонија. Министерството за правда смета дека воведувањето рестриктивни мерки со одлука на Владата, врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто, изјавија оттаму за МИА.– Земјата не смее да ги игнорира пораките од САД што се однесуваат на борбата против корупцијата и мора да се преземат конкретни чекори – вели заменик-претседателката на Влада задолжена за добро владеење, Славица Грковска.

Во интервју за „Гласот на Америка“, наведува дека не ја исклучува можноста за проширување на црната листа на САД, но тоа би било дополнителен аларм, како што вели, дека институциуите мора совесно и отчетно да работат.

– Се надевам дека листата уште повеќе ќе се надополнува. Секогаш велам дека тоа е дополнителна помош од нашите меѓународни партнери за да ги поттикнат домашните институции да си ја вршат својата работа. Меѓутоа, сепак, тоа претставува наша домашна работа, на домашните институции, на нашето правосудство, да ги поведат овие случаи, да посведочиме дека има завршница и дека навистина некој одговара од високите профили обвинети за корупција, доколку навистина се огрешиле пред законот – порача Славица Грковска.

За опозицијата, пак, повлекувањето на предлог-законот е обид да за заштитат функционерите од владата на СДСМ и ДУИ што треба да бидат казнети. Претходно, со соопштение, реагираа и од Беса, од каде што оценија дека законот е повлечен „за да се заштитат криминалците потврдени и на црната листа на САД“.

Измените во законот произлегоа по проширувањето на црната листа на американскиот Стејт Департмент, која минатата година се прошири со неколку звучни имиња од земјава. За важноста за порешително справување со корупцијата, повеќе пати се огласија високи американски претставници.

(В.М.Б.)