Книжарница во Венеција: Нема полици за книгите, туку вода и гондоли

144

Најубавата книжарница во светот, лоцирана во Венеција, „Libreria Acqua Alta“, што значи – книжарница во високи води, го носи тоа име од сосема разбирливи причини.

Венеција е сѐ уште град на канали, кој лежи на вода и како таков е подложен на поплави. Со цел да се заштитат стотици вредни и стари книги, сопствениците на книжарниците изнајдоа фантастично решение.

Книжарницата е основана во 2004 година од Луиџи Фрицо, роден во Фиренца, кој станал граѓанин на Венеција. Тој успева да го претстави овој град на уникатен и автентичен начин, благодарение на неговата креативност и генијалност.

Книги, чуден мебел, мачки и секако водата „сместена“ во неговата книжарница, се симболите на Венеција.

За да ги заштити книгите од водата што повремено влегува во продавницата, тој наместо на полици, книгите ги сместува во гондоли, кануа, чамци и буриња.

Тој не се потпира на дигитален каталог, бидејќи целиот инвентар го знае напамет. Скалите во книжарницата се импровизирани, направени од уништени книги наменети за фрлање.

Дури и итниот излез во случај на опасност, е место за восхитување. Има и прозорец за поздравување на гондолите во минување.

Книжарницата стана позната по своите некогашни редовни гости, а сега веќе домаќини – мачки скитници кои својот мир го најдоа во топлината на собите полни со книги. Меѓу книгите секогаш има мал сад со храна за нив.

Оваа сликовита книжарница многумина ги потсетува на старите тавани полни со антиквитети во кои книгите не се наредени по некој строг редослед.

Малку хаотичниот распоред му дава дополнителен шарм на местото и токму тоа привлекува многу туристи.

Ова е дел од Венеција што никогаш нема да го заборавите, особено ако сте вљубеник во книгите.