Киев и Загреб се договорија за користење на хрватските пристаништа за извоз на украинско жито

93

Властите на Хрватска и Украина денеска во Киев постигнаа договор за користење на хрватските пристаништа за извоз на украинско жито, пренесува Слободна Европа (РСЕ).

Како што се наведува во соопштението на хрватското Министерство за надворешни работи, ова е резултатот од денешните разговори на шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба и хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ-Радман.

„Сега ќе работиме на воспоставување на најефикасните рути до овие пристаништа и максимално искористување на оваа можност. Секој придонес за деблокирање на извозот е вистински, ефективен придонес за светската безбедност на храната. Благодарам на Хрватска за конструктивната помош“, изјави Дмитро Кулеба.

Според него, главна тема на денешните разговори било оружјето, пренесува РСЕ.

„Разговаравме за натамошната поддршка на Хрватска и им се заблагодарив за веќе укажаната помош. Од очигледни причини нема да откривам детали. Само ќе кажам дека има конкретни договори кои наскоро ќе бидат спроведени“, изјави украинскиот министер.

Министрите разговараа и за подготовките за Меѓународната донаторска конференција за деминирање во Украина, што ќе се одржи во Загреб во октомври.

Министерството за надворешни работи соопшти дека преговорите и прес-конференцијата во Киев се одвивале во „хибриден формат“. Дмитро Кулеба учествуваше во онлајн режимот, бидејќи беше во самоизолација по позитивен тест за Ковид 19.

Грлиќ-Радман на Твитер изјави дека дошол во Киев со цел да постигне договор за продолжување на помошта на Хрватска за Украина.

„Хрватска продолжува да дава силна поддршка – вклучително и повоено закрепнување во деминирањето и рехабилитацијата, енергетската инфраструктура, олеснувањето на извозот на жито, обезбедувањето одговорност за злосторствата и процесот на пристапување во Европската унија“, рече шефот на хрватската дипломатија.

На 17 јули Кремљ објави раскинување на Црноморскиот договор за извоз на жито, кој Русија и Украина го склучија одделно во јули 2022 година со ОН и Турција во Истанбул. По повлекувањето од договорот за жито, Русија ги интензивираше нападите врз јужна Украина, особено пристанишната инфраструктура во Одеса.