Канада се соочува со застрашувачки проблем: Погребот станува луксуз, расте бројот на починати оставени во мртовечници!

169

Некои канадски провинции забележаа зголемување на бројот на неподигнати тела во последниве години, а најблиските ги наведоа трошоците за погреб како причина за неземањето на посмртните останки на своите најблиски. Овој феномен поттикна најмалку една провинција да изгради нов капацитет за складирање, пишува „Ројтерс“.

Вкупните трошоци за погреб во Канада се зголемија на околу 8.800 канадски долари, од околу 6.000 долари во 1998 година, според проценките на индустриската трговска групација.

Во Онтарио, најнаселената провинција во Канада, бројот на неподигнати тела се искачил на 1.183 во 2023 година (за разлика од 242 во 2013 година), рече Дирк Хејер, главен судски лекар во покраината.

Во повеќето од овие случаи, биле идентификувани најблиските, кои не можеле да го побараат телото од различни причини, најчесто поради пари. Финансиите се причина кај 20 проценти од вкупниот број неподигнати тела во 2022 година, кој се искачи на 24 проценти во 2023 година.

– Тоа е вознемирувачки, затоа што личноста што починала нема никој (семејството, пријатели или други) што може да даде упатства или планови за таа личност откако ќе умре – рече Хејер.

Официјално, во Онтарио, телото се смета за неподигнато по 24 часа. Но, би можеле да поминат недели додека се обидуваат властите да ги лоцираат најблиските, рече тој.

Доколку потврдат роднините дека не може да го побараат телото, локалната општина соработува со погребното претпријатие за да обезбеди едноставен погреб.

Во меѓувреме, телото се чува во мртовечница или во складиште со контролирана температура.

– Отсекогаш имало семејства на кои им е потребна дополнителна помош. Но никогаш не сум го видел бројот на посмртни останки што се таму, во моментов – рече Алан Кол, сопственик на погребната куќа „Мекинон и Боус“ во Торонто.

Во Квебек, бројот на тела што никој не сакал да ги закопа се искачи на 183 во 2023 година, во споредба со 66 тела пред 20 години. Во Алберта, бројот на тела за кои не бил пронајден ниту еден близок се искачи на 200 во 2023 година, од 80 во 2016 година.