Панел-сесии на ТИРЗ – Како младите да останат дома?

44

Со панел-сесии посветени на младите, ТИРЗ ја започна серијата настани во рамки на проектот „Иднината почнува дома“. Во фокусот на панелите се образованието и можностите за младите, како да се премости јазот, улогата на младите во донесувањето на одлуките, како и врските во заедницата.

Панелисти се дел од првата генерација амбасадори во рамки на проектот „Иднината почнува дома“, кои ги споделуваат своите искуства и препораки и нудат практични совети како инспирација за следната генерација млади лидери.

Од ТИРЗ велат дека целта на овие настани е да се поттикне младите луѓе да дискутираат, да истражат како да ги искористат можностите што им се достапни за професионален раст и развој на кариерата во нашата земја, како и да произлезат конкретни предлози, иницијативи и мерки со кои младите ќе се наметнат како глас во општеството кој ќе работи за позитивни промени во сите сфери што ги засегаат.

-Ќе се водат серија на дискусии на различни теми за тоа како може да се изгради акциски план со конкретни чекори за тоа како да се подобрат условите и како оваа држава и ова општество да станат поправични. На тој начин што младите луѓе веќе ќе почнат да размислуваат и ќе си дадат шанса да останат тука. Да не слушаме само празни зборови, празни ветувања и програми на политички партии, туку конкретни работи од многу конкретни луѓе од практиката, изјави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

На правата панел дискусија ќе дискутираат 32 панелисти, а ќе биде  претставена и Студијата на демографски движења на Државниот завод за статистика.