Кабинет на претседателот на Црна Гора: Ѓукановиќ постапи во склад со Уставот

291

Шефот на кабинетот на претседателот на Црна Гора, Миодраг Радовиќ изјави дека претседателот Мило Ѓукановиќ „постапил во согласност со Уставот“ кога одбил да го прифати предлогот Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на новата влада и кога предлогот за скратување на мандатот го испрати до Собранието.

„Претставниците на партиите и коалициите, кои сега накнадно се огласуваат, поканети се на консултации кај претседателот на Црна Гора, на 15 септември. Во писмото со тој датум (во прилог), меѓу другото, најавија дека ќе го потврдат предлогот за мандатот со потребниот број потписи, што не го направија во предвидениот рок, кој истече на 19 септември на полноќ. Да не зборуваме за изјавите на поединечни учесници во тие преговори во врска со потписите, со кои јавноста е запознаена“, Напиша Радовиќ на Твитер.

Пратениците во Парламентот на Црна Гора претходно го информираа претседателот на Црна Гора дека е постигнат политички договор Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на влада, ден по истекот на рокот и откако Ѓукановиќ поднесе предлог до Собранието за скратување на мандатот на пратениците, што е патот до одржување на вонредни парламентарни избори.

Заедно со писмото до Ѓукановиќ се доставени и потписите на сите 41 пратеник од вкупно 81 во црногорскиот Парламент.

Во своето образложение, Ѓукановиќ претходно денеска изјави дека не ги добил сите потписи од пратениците, дека не дошле кај него на консултации и дека „не добил впечаток дека има јасно мнозинство што ќе може да формира Влада која би понудила решенија за многу тешки проблеми на финансиски, економски, правен, институционален и политички план“.

Адвокатите во Црна Гора со различни оценки за тоа што ќе се случи доколку не се гласа за скратување на мандатот – дали во тој случај ќе има вонредни избори, дали Ѓукановиќ е должен да го даде мандатот на Лекиќ или Владата ќе продолжи да работи во технички мандат до редовните избори за две години.

Проблемот е што Уставниот суд во Црна Гора во моментов нема доволен број судии бидејќи кандидатите во неколку наврати не ја добија поддршката од пратениците.