Истражувачки тим на „Мајкрософт“: Хакери од Иран ги хакирале податоците на списанието „Шарли Ебдо“

54

Хакерски тим поддржан од иранската влада, наводно, украл и објавил приватни податоци за клиентите на францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо, соопштија денеска истражувачите на Мајкрософт.

Според Ројтерс, списанието беше хакирано на почетокот на јануари, откако објави серија карикатури кои негативно го прикажуваа врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи.

Карикатурите беа дел од медиумската кампања за која „Шарли Ебдо“ рече дека има за цел да ги поддржи антивладините протести во Иран.

Портпаролот на магазинот рече дека магазинот „засега нема коментар за ова прашање“.

Иран јавно вети „ефективен одговор“ на „навредливите“ карикатури и го повика францускиот амбасадор во Техеран, а истовремено ги суспендираше активностите на Францускиот институт за истражување во Иран и рече дека ги разгледува културните активности на Франција во земјата.