Инфлациските трендови во регионот и во земјава се позитивни, но потребна е претпазливост

51

Во регионот на Централна и на Источна Европа, инфлацијата се сведе од 16 % на 5 %. Според гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, слична е ситуацијата и кај нас, каде што стапката на инфлација се намали на 3 %, од највисокото ниво што достигна околу 20 отсто.

Во видеоинтервју за „Еуромани“, таа истакнува дека последниот инфлациски шок не е од стандардна монетарна природа и дека влијаеле многу фактори, вклучително и нарушувањето во производството, трговијата, транспортот и цените на енергенсите, кои придонесоа за растот на инфлацијата.

– Сега се забележува стабилизација на овие фактори, што има позитивни ефекти врз инфлацијата – посочува гувернерката.

И покрај затегнувањето на монетарната политика од централните банки, гувернерката вели дека финансискиот сектор е стабилен, што се должи на мерките преземени од централните банки, по големата финансиска криза и стабилните биланси на банките со кои влегле во кризниот период.

– Банките влегоа во оваа криза со релативно солидна позиција, со силни капитални и ликвидносни заштитни слоеви, кои, главно, беа изградени пред пандемијата и оттогаш се одржуваат – вели Ангеловска-Бежоска.