Инфектологот Марковски: Заразените од ковид-19, се најзаразни еден ден пред да се појават симптомите

Професор инфектологот Вело Марковски, како поранешен директор на Клиниката за инфективни болести и искуство во лекување на пациенти од сезонски грип и други инфективни болести, појаснува дека светските лекари анализирале и утврдиле дека средната вредност на инкубација на коронавирусот е од 4 до 5 дена. Болните, односно заразените од ковид-19, се најзаразни еден ден пред да се појават симптомите сè до два дена од појавувањето на симптомите. Мал дел од заразените клиничката слика ја развиле по 10 дена од инкубацијата. Истакнува дека со преземените мерки се растегнува кривата до пикот, но колективен имунитет нема да стекнеме ниту до декември.

28630

Професор инфектологот Вело Марковски, со интересна анализа за епидемијата на коронавирусот во земјава и како да се справиме со неа. Тој е за помалку рестриктивни мерки, бидејќи смета дека конкретните мерки за самоизолација, особено за викенд кога полицискиот час трае неколку дена, е ризично, бидејќи сè уште во земјава има ранливи категории на луѓе, популација која нема телефон и доколку му е лошо нема од каде да се јави.

Имаме луѓе кои се возрасни, имаат склероза, кои не можат да се јават и да побараат помош. Замислете семејства од пет па и повеќе членови кои живеат во стан од 40-50 квадрати и како тие ќе издржат толку саати без да излезат. Полесно им е на тие што живеат во куќи. Што ако поради рестриктивните мерки изгубиме макар и само еден живот од која било причина, мерките нема да може да ги квалификуваме како успешни – укажува д-р Марковски за „Само вистина“ и  потенцира дека долгите полициски часови се голем период за изолација.

Тој смета дека треба да се преиспитаат овие мерки, да се направи анализа оти пак кај некои лица предизвикуваат агресивно однесување. Според него, викендот додека траеше полицискиот час регистрирани се зголемен број на кражби.

Марковски знае дека на овој начин се растегнува кривата до пикот, но колективен имунитет нема да го стекнеме ниту до декември.

Тој како поранешен директор на Клиниката за инфективни болести и искуство во лекување на пациенти од сезонски грип и други инфективни болести, појаснува дека светските лекари анализирале и утврдиле дека средната вредност на инкубација на коронавирусот е од 4 до 5 дена. Болните, односно заразените од ковид-19, се најзаразни еден ден пред да се појават симптомите сè до два дена од појавувањето на симптомите. Мал дел од заразените клиничката слика ја развиле по 10 дена од инкубацијата.

За маската, ракавиците и коронавирусот д-р Марковски рече дека не се неопходни, клучна е хигиената. За него носењето на ракавици е и по малку смешно.

И д-р Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти на млади лекари на својот ФБ-профил реагира за носењето на ракавици, особено што со часови се носат ракавиците додека се пазарува, што не е препорачливо оти тие се за еднократна употреба.

-Не да пазариш и да шеташ со нив цел ден, насекаде! Маските што скоро сите несоодветно ги носите и манипулирате, ги допирате со истите тие ракавици, катастрофа – реагира д-р Лазаров и додава дека првенствено треба да се мијат раце.

Со ракавици или со нечисти раце да не се допира лицето, носот и очите.

-Оние кои кашлаат и киваат, првенствено да седат дома, никој од нас не знае дали е инфициран или не, никој! – регира д-р Лазаров. 

(В.Ма.)