Интервју со Сашко Коцев: Во серијата „Зоки Поки“ заборавивме кој е дете, а кој возрасен

1351

Актерот Сашко Коцев во серијата „Зоки Поки“ (која стартува од 4 мај во 20:15 ч. на МТВ1), го глуми таткото на Зоки, Филип. „Ова е мојот втор лик татко, а никако не е далеку од вистинскиот татко Сашко. Татко кој на невообичаен и духовит начин му ги доближува животните вредности на своето дете, без да му направи никакви предрасуди за секојдневните случувања или детски препреки и проблеми“, вели за весникот ВЕЧЕР, Коцев. „Серијата се работеше во една атмосфера каде што заборавивме кој е дете, а кој е возрасен“, додава Коцев, кому продуцентот му ги донел сценаријата како подарок за роденденот…

 На 4 мај, публиката на малите екрани, ќе може да ја погледне серијата „Зоки Поки“, која со нетрпение се очекува не само од децата туку и од возрасните. Сметаш ли дека оваа приказна, напишана во 1963, ќе ѝ се допадне на денешната публика?

„Ете и ова култно, антологиско дело од нашето детство ја дочека својата екранизација. Бев многу возбуден кога продуцентот ми ги донесе сценаријата како подарок за мојот роденден и рече дека веќе е време да го одиграм првиот татко. Иако е напишана пред многу години, згодите и незгодите на едно дете се универзални и безвременски. Не знам колку ова дело ќе ѝ се допадне на публиката, но знам дека од целиот тим е работено со голема радост и ентузијазам. Се работеше во една атмосфера каде што заборавивме кој е дете, а кој е возрасен. Секогаш кога на уметничкиот дел од екипата му е забавно, посебно кога актерите се забавувале во својата работа, публиката тоа го препознала како вистински живот на сцената или пред камерите и го поздравила со аплауз. Верувам дека тоа ќе се случи и со ова дело.

Во серијата го толкуваш таткото на Зоки Поки, Филип. Каков татко си во самата серија, но и приватно?

Ова е мојот втор лик татко, а никако не е далеку од вистинскиот татко Сашко. Татко кој на невообичаен и духовит начин му ги доближува животните вредности на своето дете, без да му направи никакви предрасуди за секојдневните случувања или детски препреки и проблеми.

Како се одвиваше снимањето и соработката со децата актери и колку тие беа подготвени за предизвикот кој им беше даден?

„Прилично е тешко да се работи со деца, не затоа што би биле палави и би ја рушеле концентрацијата туку затоа што тоа е друго ниво и начин на размислување. Споредбено, тоа е како да играте баскет во маало со вашиот 10-годишен внук. Сигурно нема да го имате тој борбен и победнички дух туку ќе се спуштите на неговото ниво за да потрае играта. Но, за среќа, овде, на снимањето на оваа серија, не се случи такво нешто. Ние уште на првиот ден на снимањето со доаѓањето на децата, не видовме некакви дечиња туку добивме подготвени млади актери, многу внимателно одбрани од режисерско-продуцентскиот тим, кои се носеа на исто ниво заедно со нас во креативниот занес.

Дали во текот на снимањето на серијата се случуваа некои смешни и интересни ситуации и дали би можеле да споделите некоја случка со читателите на весникот ВЕЧЕР?

„Секако дека имаше еден прв ударен ден, а тоа е првиот ден од снимањето. Бев нарекуван од децата како Чичко Сашко Коцев, со полно име и презиме како воен питомец, испрашуван од нив за многу работи што немаа врска со серијата, но сето тоа беше толку симпатично и ведро, што навистина ми ги наполни батериите за напорната работа. Посебно драг ми стана Матеј Настевски, во улогата на Зоки Поки. Веќе ја разбра својата позиција во целата ситуација и се однесуваше како да сме другари од класа на драмската академија. Па така имаше многу слатки детски и смешни моменти од типот – снимавме една сцена во домашни услови, во која тој ја заврши со 2 дубли, а јас со некои 9, па не пропушти да ми каже дека ете со мене се измачиле да ја снимаат сцената, а ете тој ја снимил од само 2 пати. (хаха)

Сметаш ли дека серијата „Зоки Поки“ би требала да има и продолжение, можеби со нови епизоди кои ќе ги третираат проблемите од  тинејџерските години на Зоки Поки?

„Како и многу светски примери, кога едно филмско дело ќе ја доживее својата премиера и ќе доживее  успех, веднаш се размислува за негово продолжение, за негов подолг живот, секако на барање на публиката. Тоа ќе го коментираме откако ќе помине оваа прва сезона која има 10 епизоди.  Според мене, не верувам дека ќе останеме само на овие 10, туку мислам дека ќе ги следиме овие млади таленти во нивниот развој, а со тоа и публиката која ќе се поистоветува и ќе се подучува од нивните секојдневни проблеми.

Со оглед дека си актер кој има голем број ангажмани, колку тешко ти падна целата оваа ситуација со карантинот која, претпоставувам, ги прекина и твоите професионални планови?

Како и целиот свет така и мене ме погоди прекинот на обврските. Прекинат е репертоарот на МНТ кој ме одржува во форма, буквално како натпреварите и тренинзите еден спортист. Но , секако не е само таа физичка форма во прашање туку потребата да се биде изложен на нечии погледи, а најмногу звукот на аплаузот и воодушевувањето на публиката. Тоа најмногу недостасува и едвај чекам да го видам пак, што побргу, првиот блесок на рефлекторите на стартот на претставата, кога  и ние и публиката се втурнуваме во непознатото и сме во исчекување и неизвесност за следните случувања на нашите омилени драмски ликови.

Колку пак, театарот и публиката изгубија со целата оваа ситуација во која претставите ни се достапни само онлајн? 

-Ништо не е изгубено, театарот не може да застари ниту да се изгуби интересот за катарзисот кој тој го произведува. За жал, една претстава во многу мал процент може да го прикаже, а публиката во уште помал процент може да ја почувствува нејзината магија кога ја гледа пред малите екрани. Неспоредливо е чувството да живееш во светот на ликовите ѕиркајќи тивко од своето седиште во салата, со она кое го гледаш на ТВ. Екраните се за филмската уметност. Затоа посакувам што побргу да го чујам аплаузот на публиката. До скоро видување. А, дотогаш, се гледаме на 4 мај, МТВ и ЗОКИ ПОКИ. (Д.Т.)