Претставниците на работниците бараат оставка од министерката Ангеловска, таа одговара избрзале со реакцијата

Сојузот на синдикатите на Македонија и се заблагодари на министерката што во целост ги поддржала и применила мерките кои, според нив, се од газдите и со тоа придонесува да се зголеми бројот на невработени, како честитка по повод претстојниот 1 Мај. Ангеловска тврди дека ова е недоразбирање затоа што уредбата всушност е за заштита на работните места

235

Недоразбирање или избрзана реакција. Вака министерката за финансии Нина Ангеловска ја протолкува острата реакција на повеќе синдикати и граѓански организации кои побараа оставка од неа и укинување на Уредбата со која на работодавачите кои ќе користат субвенција од 14.500 денари за платите на работниците им се дозволува да го намалуваат бројот на вработени.

Таа вчера изјави дека ќе ја одржи средбата со синдикатите што тие ја бараат и додаде дека мерката која се содржи во Уредбата е усогласена со Светската банка, а истовремено е слична и со мерките кои ги применуваат други земји, на пример Србија.

– Во овој период кога навистина се трудиме да го заштитиме секое работно место и кога промената на уредбата е точно во заштита на работните места се надевам дека се работи за одредено недоразбирање или избрзана реакција. Не се работи за стимулирање на откази туку за заштита на работни места. Ќе се погрижиме за сите што ќе останат без работа, рече таа и додаде дека уредбата се однесува на сите работници, како оние на неопределено, така и определено време и сезонски ангажираните.

Како што појасни, компаниите кои отпуштиле работници во март, како на пример угостителите, ќе мора да ги вратат на работа во рок од два дена, што е проблем на кој ќе се работи, за да можат и тие да ја користат мерката. Ако не ги вратат работниците на работа нема да можат да аплицираат за 14.500 денари за работниците.

-Се надевам дека ова недоразбирање ќе биде разјаснето. Во ниту еден момент не се стимулира отпуштање, која влада или држава сака да останат работници без работа, рече Ангеловска.

Она на што гневно реагираа повеќе синдикати и граѓански здруженија кои ги штитат работничките права е олеснувањето на условот за аплицирање за државна помош од 14.500 денари со тоа што им се дава можност малите компании да го намалат бројот на вработени до 15 проценти, средните до 10, а големите до пет проценти.

– Сојузот на синдикатите на Македонија и се „заблагодарува“ на министерката за финансии Нина Ангеловска, што во целост ги поддржува и применува мерките од „газдите“ и придонесува да се зголеми бројот на невработени во Република Северна Македонија, како честитка по повод претстојниот 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, е реакцијата на најголемиот синдикален сојуз во државата.

ССМ се потпиша и на заедничката реакција со слична содржина на која потпис ставија и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Независниот академски синдикат, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Синдикатот на културата, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Гласен Текстилец, левичарското движење „Солидарност“, Асоцијацијата на независната културна сцена, здружението на граѓани „Прес ту Егзит“ и асоцијацијата Контрапункт.

Нивно заедничко барање е итно и неодложно да се запре процесот на измена и дополнување на Уредбата со која се дава можност да отпуштаат вработени. Исто така, се бара одговорност од министерката Нина Ангеловска, како и тоа задолжително да бидат консултирани при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.

– Доколку ова се реализира, тоа ќе значи десетици илјади нови невработени во пресрет на очекуваната економска криза и десетици илјади семејства во сиромаштија, стои во нивната реакција, истакнаа синдикатите и невладините организации во своето заедничко соопштение.

(С.В.)