Интервју Благој Бочварски: За сите инфраструктурни проекти има пари, не постои ризик од задоцнета исплата на изведувачите

Од позиција на прв човек на ресорот транспорт и врски во новата Влада на Зоран Заев, ексградоначалникот на Штип, Благој Бочварски, по професија архитект, најавува забрзување на динамиката на изградба на автопатот Кичево-Охрид, каде во моментов работат 200 градежни машини и над 800 работници и уверува дека во следниот период ќе се комплетира и железничкото поврзување со Бугарија. Тој информира дека легализација на дивоградбите за едно евро по квадрат ќе има до февруари следната година, а со новиот закон кој треба да го донесе собранието при легализацијата ќе се плаќаат пенали. Тврди дека Владата е одлучна да продолжи со уривање на новите дивоградби како во Охрид, Струга и во ТЦ „Мавровка“ во Скопје

252

Собранието расправа за ребаланс на годинешниот буџет. Има ли кратења во ресорот транспорт и врски?

-Јас во неколку наврати спомнав дека реализацијата на капиталните инвестиции се врвен приоритет на Владата и Министерството за транспорт и врски. Секој проект што е започнат се трудиме да ја забрзаме неговата динамика. Но знаете дека има проекти кои се во застој и тука мислам на изградбата на првата фаза на пругата од Куманово до Бељаковце поради раскинување на договорот и тука предложивме да има намалување на средствата оти извесно е дека до крај на годината нема да се потрошат предвидените средства. Но да спомнам дека ќе има зголемување на средствата за одржување на железничката инфраструктура на Коридор 10. Во однос на другите инфраструктурни објекти, патишта, канализации, водоводи, социјални станови и други проекти нема да има намалување. Напротив, имаме 100 проценти реализација на средствата за социјални станови, имаме одлична динамика на изградба на водоводите и канализациите што се реализираат преку нашето министерство и до крајот на годината, се надеваме, висока реализација на овие проекти.

Едно од прашањата од Вашиот ресор што граѓаните најмногу ги интересира е автопатот Кичево-Охрид. До каде е изградбата, кога се планира да заврши и колку конечно ќе чини. Верувате ли дека ќе биде пуштен во употреба во Вашиот министерски мандат?

-Една од моите приоритетни задачи како министер е да се заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Во овој момент не сакам да споменувам конкретни рокови затоа што сметам дека најважно од сè е нашето внимание да го насочиме кон тоа да изградиме безбеден, квалитетен автопат, по највисоки стандарди и да не дозволиме во никој случај да се повторат грешките чии сведоци бевме во минатото, а за кои плаќаме сите ние граѓаните. Верувам дека веќе на јавноста ѝ е јасно во каква состојба го затекнавме овој проект и со што сè се соочивме за да овозможиме изградбата да продолжи и граѓаните да го добијат автопатот кој со години го очекуваат. Владата предводена од СДСМ ги надминува сите затекнати проблеми и континуирано изнаоѓаме решенија за реализација на овој значаен проект. Она што е особено важно е дека голем дел од дополнителните инфраструктурни проекти се веќе завршени и следниов период ќе ја засилиме динамиката на изградба. Можам да спомнам само еден податок, а тоа е дека преку 200 градежни машини и преку 800 работници веќе се на траса и интензивно работат. Ова е приоритетен проект, дел од Европскиот коридор 8 и затоа имаме обврска и пред граѓаните и пред Европската Унија да го завршиме и тука нема дилема. Во однос на цената, можам да кажам дека за тоа имаме Закон во Собрание со точна утврдена цена од околу 598 милиони евра, средства кои се обезбедени за изградба на автопатот.

Премиерот Зоран Заев неодамна најави план за изградба на 600 километри автопати и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални и 1.000 километри локални патишта. Целата инвестиција, според неговата најава, е вредна три милијарди евра и треба да се реализира за период од три години. На што прво ќе се работи и како ќе се обезбедат тие средства кои безмалку се цел еден годишен буџет на државата?

-Овие инвестиции се дел од нашата стратегија за развој на патната инфраструктура, нејзината модернизација и подигнување на нивото на безбедност. Претходно Владата сериозно се посвети на унапредување на патната мрежа како главен предуслов за економски раст на земјата и за неполни три години се реализираа проекти во вредност од преку една милијарда евра. Ако се навратиме на податоците, ќе забележите дека Владата предводена од СДСМ ги прави историски најголемите инвестиции во патната инфраструктура. Завршивме со изградба на автопатот Миладиновци-Штип, во моментов се работи на изградба на автопатот Кичево-Охрид и автопатот Скопје-Блаце. Го изградивме експресниот пат Штип-Крупиште и во моментов се работи на изградба на шест нови експресни патишта. Вкупно во бројки работиме на изградба на преку 190 километри патна мрежа и рехабилитираме регионални и магистрални патишта со вкупна должина од 208 километри, инвестирајќи 840 милиони евра во патната инфраструктура. Дополнително инвестираме 70 милиони евра за изградба и санација на локални патишта и улици, со што ќе ја унапредиме патната мрежа во општините, ќе го олесниме движењето на граѓаните и ќе создадеме подобри услови за локален економски раст. Продолжуваме со силна динамика да работиме на изградба на инфраструктурата во земјава, со цел да создадеме модерна, квалитетна и безбедна патна мрежа по највисоки стандарди и да овозможиме брза патна врска како меѓу општините, така и кон соседните земји.

Пред околу четири месеци сопреа работите на делницата Куманово-Бељаковце на пругата за Бугарија откако германскиот изведувач „Вибе“ еднострано го раскина договорот и си замина. Како и кога би продолжила изградбата на пругата од која останаа неизградени уште 55 проценти?

-Фокус на оваа Влада е проектот за железничко поврзување со Бугарија и во моментов ги преземаме сите потребни чекори со цел да овозможиме побрза и поефикасна изградба на железничкиот Коридор 8, кој е од круцијално значење за регионалното поврзување. Во таа насока, донесовме одлука првата и втората фаза од изградбата на Железницата кон Бугарија, односно делницата Куманово-Бељаковце и делницата Бељаковце-Крива Паланка да ги споиме во еден проект, со што истите ќе бидат објавени во рамките на еден јавен повик и на нивната изградба ќе работи еден изведувач. Сметаме дека на овој начин ќе се скрати времето на изведба и ќе се зголеми ефективноста и ефикасноста при градежните работи. Во моментов очекуваме од надзорот да добиеме прецизна слика за состојбата на проектот и да достави детални информации за потребните преостанати работи за изградба на пругата Куманово-Бељаковце. Финансиските средства за изградба на двете фази веќе се обезбедени преку ЕБОР и со грант од ИПА, со што по објавувањето на јавниот повик и изборот на изведувач ќе се започне со интензивна доизградба на пругата. Морам да нагласам дека железничкиот Коридор 8 е сериозна тема за која оваа Влада соочувајќи се со сите предизвици и преземајќи конкретни акции, покажа одлучност да ја реализира и како ресорен министер ги уверувам граѓаните дека ги преземаме сите потребни чекори и вложуваме сите напори за во следниот период да го комплетираме железничкото поврзување кон Бугарија.

Колку објекти за живеење се легализирани со законот за легализација со едно евро за квадрат? Дали уште тече тој процес и кога очекувате да се донесе новиот закон за дивоградби со кој се предлага легализација со целосни комуналии, плус плаќање пенали?

-Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, откога Законот за легализација стапи на сила, па до денес, легализирани и запишани во Агенцијата се 259.540 објекти. Процесот тече континуирано, Законот е со важност во период од 10 години, односно до крајот на февруари 2021 година. Што значи дека за сите постапки за легализација во моментов се постапува по овој Закон. Што се однесува до новиот Предлог-закон, тој сè уште е во собраниска процедура и кога во Собранието ќе се отвори дебата по овој Предлог подготвени сме да дискутираме заедно со опозицијата во насока на намалување на девијантните појави што се случуваат во овој дел. Во Предлог-законот се предвидени и казнени пенали, а нема да се легализираат ниту објектите со А2 намена, односно згради. Ние како Влада покажавме одлучност и храброст во борбата против нелегално изградените објекти и узурпацијата на просторот со која се соочуваме со години, како што можеше да се забележи и по постапките за отстранување на нелегалните објекти кои ги спроведовме во Охрид и Струга, како и објектот кај ТЦ „Мавровка“. Ве уверувам дека на овој начин продолжуваме да дејствуваме и понатаму, почитувајќи ги законите и постапувајќи согласно истите.

Каква е динамиката на исплата на изведувачите на инфраструктурните објекти?

-За сите тековни инфраструктурни проекти кои во моментов ги реализираме како и за оние со чија реализација планираме да започнеме во следниот период, веќе имаме обезбедени финансиски средства, со што не постои никаков ризик од задоцнета исплата на изведувачите. Министерството за транспорт и врски има практика веднаш штом ќе пристигнат времените ситуации, односно фактурите за конкретни извршени работи, да изврши исплата. Истото се случува и со ЈП за државни патишта, каде секоја пристигната фактура се исплаќа во рок од 3 до 4 дена од датумот на нејзиното пристигнување. Друг факт кој сакам да го споменам е дека преку исплата на авансни ситуации, согласно член 103 од Законот за јавни набавки, ги стимулираме градежните компании сè со цел да овозможиме побрза и поефикасна изведба на градежните работи и реализација на проектите и пред предвидените рокови. Уште еднаш ќе нагласам дека сите потребни средства се веќе обезбедени, македонските градежни компании се активни и интензивно работат на терен, што е особено важно во овие услови на ковид-криза. На тој начин со сите сили се залагаме да го вратиме градежништвото на старите патеки на раст, да го зголемиме бројот на вработени и со тоа ги преземеме сите неопходни чекори да ја стимулираме домашната економија. Силните инвестиции во градежништвото на оваа Влада не дозволија да има отпуштања од работа во време на оваа пандемија, што посебно ме радува.

До каде е процесот за гасификација на државата?

-Гасификацијата е еден од врвните приоритети на Владата со кој бенефит ќе имаме сите и бизнис секторот, секое поединечно домаќинство но истовремено придонесуваме и за заштита за животната средина. Согласно новиот Закон за енергетика процесот на гасификација е во надлежност на Министерството за економија и како што сум информиран, изградбата на магистралните гасоводи тече непрекинато. Веќе се реализирани околу 90% од изградбата на гасоводот од Неготино до Битола и околу 60% од магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар. Исто така според информациите од Министерството за економија во тек е јавен повик за јавно-приватно партнерство за изградба на дистрибутивна мрежа, а веќе се работи и на подготовка на проекти за интерконекциски мрежи кон соседните земји. Станува збор за еден сложен и повеќефазен процес кој ќе овозможи одржлив економски развој на земјата на долг рок и секако пониски трошоци и за граѓаните и за компаниите.

Кој е Вашиот став околу прашањето дали на нашата држава и е потребен национален авиопревозник?

-Министерството за транспорт и врски веќе изработи студија за исплатливост од воведување на национален превозник, но истражувањата на пазарот и спроведените анализи покажаа дека во моментов оваа опција е економски неисплатлива. Поради тоа, остануваме на унапредување на авиосообраќајот во земјава, преку финасиска поддршка на нискобуџетни авиокомпании и воведување на евтини летови. Ова сепокажа како ефикасна мерка која резултираше со нови авиолинии и  рекорден број на превезени патници. Како ресорен министер останувам силно посветен на развојот и унапредувањето на авиосообраќајот и внимателно ќе ја разгледуваме секоја нова можност која би придонела за истото.

Најголем дел од капиталните инвестиции се во вашиот ресор, вклучувајќи го и ЈП за државни патишта, а нивната реализација најчесто потфрлува. Може ли да се подобри таа состојба?

-Не можам да се сложам со Вас дека реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски потфрлува, особено со оглед на тоа дека претходната година имавме околу 90% реализација. Исто така, ЈП за државни патишта успешно ја заврши 2019 година со реализирани преку 85% капитални инвестиции. Она што во моментов со сигурност можам да кажам е дека, со оглед на здравствената криза со која се соочуваме, проектите што ги реализира Министерството за транспорт и врски се одвиваат со добра динамика, градежните фирми навремено ги извршуваат должностите како што е предвидено во договорите и очекувам сите тековни проекти да бидат завршени во рамките на предвидените рокови. Единствено потфрлување имаме во делот на Железницата на Коридор 8, но каде, како што веќе споменав, раскинат е договорот и веќе некој период градежните работи се во прекин. Но, морам да повторам дека ние како Влада, свесни за значењето на Коридор 8 и можностите кои ги отвора железничкото поврзување кон Бугарија, зазедовме цврст и јасен став дека ова е приоритетен проект на кој сите сме силно посветени и ќе преземеме сè што е потребно да ја видиме неговата конечна реализација. Ме прашавте и за проектите и предизвиците во делот на патната инфраструктура што се реализираат преку ЈПДП. И таму има одлична динамика на реализација на капиталните инвестиции, забрзано се работат дополнителните инфраструктурни објекти на автопатот Кичево-Охрид, а исто така во тек е и јавниот повик за доизградба на експресниот пат Градско – Прилеп, делница Фариш-Дреново. Најавувам дека навлегуваме во една посилна градежна сезона и очекувам интензивирање на работите на терен, не само во однос на изградба и модернизација на патната инфраструктура, туку и во делот на сите капитални инвестиции во ресорот Транспорт.

Зошто министерството со години не се вселува во својот реновиран стар објект кај Камениот мост. Во каква состојба е тој објект за кој се потрошени многу пари, со оглед на тоа што долго стои празен?

-Веќе е започната постапката за добивање на Одобрение за употреба на реновираната зграда. Формиравме Комисија за технички преглед и веднаш по извршениот технички преглед и добиена употребна дозвола ќе се преместиме во новата зграда. Во однос на тоа зошто се потрошени толку многу пари на овој објект, Ве упатувам да се обратите до претходните министри од ВМРО-ДПМНЕ.

Светлана ВУКЧЕВИЌ