Изложбата „Пикасо, можеби јас“ на Филип Фидановски ќе се претстави во Хрватска

42

После успешните претставувања во Скопје, Кичево, Охрид, Битола и Куманово изложбата „Пикасо, можеби јас“ на македонскиот керамичар Филип Фидановски, овој пат дополнета со нови дела изработени во 2024 година ќе биде претставена пред хрватската јавност која ќе има можност да погледне 13 керамички скулптури инспирирани од делата на големиот Пабло Пикасо.

Изложбата ќе биде поставена во галеријата на „Керамеикон К10“ во Вараждин, Хрватска, а ќе биде отворена на 18 мај во 19 часот.

Изложбата, која ќе трае до 5 јуни, се реализира со финансиска поддршка на македонското Министерство за култура, а ќе ја отвори Милаим Фетаи, амбасадор на Македонија во Хрватска.

Филип Фидановски, (Скопје, 1977) има реализирано 23 самостојни и над 50 групни изложби и има учествувано на многу уметнички колонии и симпозиуми. Добитник е на пет награди. Член е на повеќе професионални здруженија и професор по предметот Дизајн на керамика и технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози.