Изведба на „Лилит” – театарски перформанс во КСП „Центар-Јадро“

18

Во КСП „Центар-Јадро“, на 22 февруари, од 20 часот ќе се изведе театарскиот перформанс „Лилит”.

„Лилит“ е првата фаза од театарското истражување насловено „Notebook of Silence“, соработка помеѓу Алесандро Ола, Јасмина Билаловиќ и Јелена Вуксановиќ.

Проектот е замислен во различни фази кои оживуваат, во различни контексти, простори и кои вклучуваат различни соработници низ целиот тек на истражувањето. Првата фаза од реализацијата е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство на соработка со неговиот некогашен учител Гротовски, како во театарската работа (со професионални актери), така и во паратеатарската работа во која Гротовски и неговите соработници тежнеат да пресечат со ексклузивноста на театарските истражувања и да ги отворат за нови групи учесници од различни професии и заднини.

-Актерката Јасмина Билаловиќ го заснова своето истражување на нејзиниот повеќегодишен тренинг со Ришард Ниечим, базиран на звучење (Sounding). Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде што ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности. Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обременета од судовите на светот. Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себеси во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што е, а со тоа се прифаќаа себеси и конечно може да ја напушти старата, зададена, улога, ослободена од товарот на срам и вина, посочуваат од „Центар-Јадро“.

По текстови на Ниечим, драматургијата и режијата е на Јелена Вуксановиќ, композитори се Алесандро Ола и Маја Стајнберг, сценографијата е на Мартин Манев, а костимите на Павел Маслов.