Изборите не се завршени – ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА ОДЛУЧИ: На 22 мај ќе се прегласува на седум избирачки места, можни промени во пратеничките мандати!

80

На 22 мај ќе се прегласува на 7 избирачки места, одлучи викендов ДИК откако Управниот суд ги отфрли како неосновани сите седум тужби од Европскиот фронт. Одлуката предизвика бурни реакции во коалицијата на Ахмети, обвинувајќи за изборен инженеринг и за политички „дил“ под влијание на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, со цел Европскиот фронт да не остане втора сила во земјава и дека тоа може да има влијание врз меѓуетничките односи. Таравари најави шестмина министри на Влен и претседател на Собранието.

Државната изборна комисија го поништи гласањето на 7 избирачки места. Ќе се прегласува на 6 избирачки места во петтата изборна единица, и тоа на две избирачки места во Долнени, на две во Крушево, на едно во Струга и на едно во Охрид.

Ќе се прегласува и на едно избирачко место во шестата изборна единица во Општина Желино.

На сите овие избирачки места, ДИК ги разреши претседателите, замениците и членовите на избирачките одбори. Новото гласање ќе се организира в среда, на 22 мај.

ДИК донесе ваква одлука откако претходно Управниот суд ги отфрли како неосновани сите 7 тужби од Европскиот фронт, кои беа поднесени против ДИК.

Ваквиот развој на настаните предизвика бурни реакции во Европскиот фронт, кој свика итна седница во Мала Речица, од каде што обвинија дека,  за нив, ова е изборен инженеринг, кој има цел да го промени бројот на пратениците на нивна штета.

– Овдека работата не е дали Европскиот фронт губи или добива два мандата. Ние ги добивме изборите на 8 мај, таа победа е запечатена, сите политички акробации, тајни договори во црвените подруми се неприфатливи и се за осудување, бидејќи одат чекор назад. Не треба да се толерира ни еден чекор назад, туку треба да се освестат сите страни. Ние ги знаеме сите политички договори од црвените подруми и во иднина ќе излеземе со детали за сите договори и ќе ги демаскираме пред јавноста – велат од ДУИ.

Пред некој ден, со сличен став излезе и техничкиот премиер, Талат Џафери, кој на прес-конференција, исто така, порача дека од учесници во изборите добил извештаи за обиди за изборен инженеринг со цел менување на соодносот на бројот на пратеници во Собранието. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја коментираше одлуката на ДИК како политички „дил“ за одземање на победата на ДУИ и коалицијата Европски фронт.

Од коалицијата Вреди ја поздравија одлуката, оценувајќи дека е во согласност со волјата на граѓаните.

– Ја поздравуваме одлуката на Управниот суд, која е во согласност со волјата што ја изразија граѓаните на 8 мај. Оваа одлука уште еднаш докажува дека надежта за граѓаните во државата доаѓа, а манипулациите и криминалот на оваа хибридна моќ паѓаат – велат од Вреди.

Па така, сега во игра се уште два мандата, по еден во петтата и во шестата изборна единица, кои првично го доби ДУИ, но, по прегласувањето, може да ги изгуби. Со прегласувањето в среда на седум избирачки места, се доведуваат во прашање два пратенички мандата на Европскиот фронт – на Фатмире Исаки во шестата изборна единица и на Исмаил Јахоски во петтата изборна единица.

На пратеник повеќе во петтата изборна единица може да се надеваат од ВМРО-ДПМНЕ и ЛДП, а во шестата изборна единица еден мандат повеќе може да добие коалицијата Вреди.

Ахмети: Ако некој има стратегија да пукаме ние, Албанците, меѓу себе, нема да се реализира

Лидерот на ДУИ изјави дека одлуките за прегласување на седум избирачки места се донесени под влијание на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, со цел Европскиот фронт да не остане втора сила во земјата и дека тоа може да има влијание врз меѓуетничките односи.

– Оваа ситуација нè доведе до состојба да повикаме ургентен состанок на Претседателството, по кој ќе следуваат и средби со експерти, за оваа неправда што му е направена на Фронтот. Овој момент доаѓа по анализа на одлуките на ВМРО и на СДСМ за повторување на изборите на овие изборни места, со цел да се спојат за Европскиот фронт да не биде втора сила во земјава. Ова е направено од двете најголеми партии од македонска националност, кои, се плашиме, за жал, ќе имаат влијание и на меѓуетничките односи, кои ние не ги посакуваме – изјави Ахмети.

Според претседателот на ДУИ, прегласувањето има ризична заднина.

– Ние ќе правиме анализа. Исто така, ова повторување што ќе се прави, се прави со една ризична заднина ние, Албанците, да се убиеме, како што се случи на едно изборно место во Општина Желино. Не го посакуваме тоа, ниту, пак, ќе се случи. Ако некој има стратегија да пукаме ние, Албанците, меѓу себе, тоа нема да се реализира – рече Ахмети.

 

 

Вреди: Ахмети, не губи контрола, биди смирен, терај со мултиетничката коалиција

Ахмети, не губи контрола, биди смирен, терај со мултиетничката коалиција и биди конструктивна опозиција, му порача коалицијата Вреди на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој ја предводи, како што се нагласува, мултиетничката коалиција Европски фронт. Реакцијата е кон изјавата на Ахмети дека одлуката на ДИК за прегласување на седум избирачки места се должи на изборен инженеринг, со цел да му се наштети на Европскиот фронт.

– Со жалење можеме да кажеме дека со секое ново појавување на Али Ахмети, неговата состојба станува посериозна. Тоа се должи или на манипулации на Артан и Бујар или Ахмети загубил контрола, бидејќи ги разоткрива своите незаконски дела – велат од Вреди.

Во реакцијата се нагласува дека во првостепеното одлучување во ДИК немало етничко надгласување, туку дека врз основа на докази, едногласно е одлучено дека „мултиетничкиот фронт“ предводен од ДУИ на 8 мај го прекршил изборен процес со манипулации со гласот на Албанците.

– Не држат изјавите на Ахмети со кои се обидува да го претстави мултиетничкиот фронт како претставник на Албанците, бидејќи самиот овој фронт се изјасни дека е мултиетничка коалиција со граѓански концепт, додека Вреди е единствената албанска опција кај нас.

На сите им е јасно дека Али Ахмети ја загубил контролата откако сфатил дека ја загубил власта. Но, го повикуваме, доколку сака европска перспектива за земјата, да остане смирен, да ги води партнерите од Фронтот во конструктивна мултиетничка опозиција –  се вели во реакцијата на Вреди.

Инаку, како што објавуваат медиумите , во интервју за Радио-телевизија Косово – РТК, Арбен Таравари, еден од лидерите на коалицијата Вреди, изјавил дека „Албанците ќе имаат шестмина министри во идната Влада, која ќе се формира на почетокот од јуни“. Тој рече дека Вреди ќе ја има и функцијата претседател на Собранието. Како што дознава МКД.мк, во Вреди и во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека токму Таравари треба да ја преземе спикерската функција. Дали ќе биде така, зависи од самиот Таравари, кој веќе изјави дека смета оти треба да остане градоначалник на Гостивар.

Таравари рече дека конституирањето на Собранието ќе се случи на крајот од овој месец и дека се очекува новата Влада да биде изгласана во првиот дел на јуни.

– Во меѓувреме, кон крајот на следната недела ќе ги имаме и кадровските решенија и владината програма. По конституирањето на Собранието, претседателот на државата ќе го довери мандатот. Во првата половина на јуни, сигурно ќе ја имаме новата Влада – изјави Таравари.

ВМРО-ДПМНЕ и Вреди досега имаа две средби за можно партнерство во новата Влада. Неофицијално, министерските позиции ќе се знаат до крајот на идната недела. Не се исклучува можноста ВМРО-ДПМНЕ да иницира средба и со ЗНАМ на Максим Димитриевски, откако лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, посочи дека очекува широка владина коалиција со две третини од пратениците во законодавниот дом. Конститутивната седница би можела да биде одржана на 27 мај.

В.М.Б.

ДИК ги соопшти мандатите на четири изборни единици

ДИК викендов ги соопшти мандатите во четири изборни единици.  Во ИЕ 1, коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 80.963 гласови и 10 мандати, коалицијата За европска иднина – СДСМ има 27 164 гласови и три мандати, Левица освоила 20.989 гласови и два мандата, коалицијата Вреди 21.627 гласови и два мандата, коалицијата Европски фронт 20.586 и два мандата, додека Движењето ЗНАМ 11 944 гласови и еден мандат.

Во ИЕ 2, коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 66.422 освоени гласови и осум мандати, коалицијата Европски фронт – ДУИ 60.625 гласа и четири мандати, коалицијата Вреди 25.864 гласови и три мандати, ЗНАМ 16.264 гласови и два мандата, коалицијата За европска иднина – СДСМ 18.631 глас и два мандата и, Левица 10.654 гласови и еден мандат.

Во ИЕ 3, коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ добила 96.545 гласови и 14 мандати, коалиција За европска иднина 33.601 глас и 4 мандати, Левица 13.404 гласови и еден мандат, додека ЗНАМ 9.426 гласови и еден мандат.

Во ИЕ 4, коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 96.551 глас и 13 мандати, коалиција За европска иднина – СДСМ 41.965 гласа и пет мандати, Левица 12.428 и еден мандат и  ЗНАМ 8.416 гласови и еден мандат.