Изборите договорени-првиот круг претседателски избори на 24 април, парламентарните на 8 мај

Политичките партии денеска, на лидерска средба, договорија парламентарните избори да се одржат на 8 мај. Тие ќе бидат заедно со вториот круг на претседателските избори, чиј прв круг ќе биде на 24 април. Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека уставните измени со кои треба да се внесат Бугарите во преамбулата остануваат обврска на следниот парламентарен состав

131

Политичките партии денеска, на лидерска средба, договорија парламентарните избори да се одржат на 8 мај. Тие ќе бидат заедно со вториот круг на претседателските избори, чиј прв круг ќе биде на 24 април. Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека уставните измени со кои треба да се внесат Бугарите во преамбулата  остануваат обврска на следниот парламентарен состав.

– Задоволен сум што конечно ќе имаме редовни парламентарни избори од 2006 година. Мораме да внимаваме и на верските празници. Предложив првиот круг на претседателските избори да се одржи на 24 април, а вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори. Техничката влада ќе се формира на 28 јануари – изјави премиерот Димитар Ковачевски по состанокот.

Изборите, кои треба да се одржат напролет; евроинтеграциите, кои зависат од уставните измени и техничката влада беа на дневниот ред на лидерската средба што ја свика премиерот Димитар Ковачевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред почетокот на лидерската средба во Собранието, изјави дека уставни измени нема да има додека не се види јасно поместување на асимилаторската политика на Бугарија кон Македонската заедница.

– Јас не се шегувам со тоа што го кажувам, уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат и додека не видиме јасно поместување на хегемонистичките и асимилаторски политики на нашиот источен сосед кон Македонската заедница во Бугарија. Јас тврдам дека за неколку месеци од денеска, многумина политичари ќе бидат минато. Техничката влада не е предмет на оваа средба, туку датумот на парламентарните и на претседателските избори – додаде Мицкоски.

На средбата присуствуваа премиерот и лидер на СДСМ – Димитар Ковачевски, лидерот на ДУИ – Али Ахмети, на Алијанса на Албанците – Арбен Таравари, лидерите од Европскиот сојуз за промена – Изет Меџити, Билал Касами, Африм Гаши, на НСДП – Горан Мисовски, на ДОМ – Маја Морачанин, на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицковски и на Демократскиот сојуз – Павле Трајанов, а присуствуваше и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Лидерите на албанската опозиција од  Европскиот сојуз за промени, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити, во текот на состанокот си заминаа од Собранието. До ова, како што  образложи Изет Меџити од Демократското движење, дошло откако собранискиот спикер, Талат Џафери, излегол од состанокот во моментот кога точка на дневниот ред била изборот на член во Државната изборна комисија.

– Албанската опозиција ја напушти лидерската средба откако неа ја напушти и Талат Џафери, токму кога елабориравме за членот во ДИК што треба да го заземе опозиција, па немаше со кого да дебатираме. Цениме дека зборуваме за наредните избори, зборуваме за европски вредности, а ако на првиот чекор има вакво сопнување, ова ни кажува дека веќе спремаат сценарио за фалсификување на изборите – рече Меџити.

Претходно, на состанокот, опозицискиот албански блок ги изнел своите ставови дека предвремени избори треба да се одржат на 4 и 28 април, а заедно со вториот круг на 28 април да се одржат и претседателските избори, а  околу техничка влада, нивниот став е дека дел од министрите треба да бидат од албанската опозиција.

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, на лидерската средба, како што информираа од партијата, побарал да има заеднички претседателски избори и да нема техничка влада.

– Техничката влада е непотребна и само на власта ѝ одговара да ја релативизира одговорноста за катастрофалните состојби во државата, колапсот на институциите и секојдневниот грабеж на народот. Инаку, со актуелниот состав на Владата, прекршени се Охридскиот рамковен договор и Уставот на Македонија за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници и со технички премиер од редовите на ДУИ, дополнително ќе се наруши етничкиот баланс, што ќе се рефлектира и на меѓуетничките односи. Мој предлог е оваа Влада, во овој состав, до продолжи со работа до парламентарните избори – се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.

Трајанов изјави дека не очекува да има консензус по ниту едно политичко прашање, освен околу изборите. Тој додаде дека тројца лидери на политичките партии од албанскиот опозициски блок ја напуштиле седницата поради расправија со претседателот на Парламентот.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој учествуваше на лидерската средба, изјави дека за нив прифатливи термини за одржување заеднички парламентарни и претседателски изборите се крајот на април или почетокот на мај.

Околу прашањето за укинување на техничката влада кажа дека за такво нешто, како тема, требало да се разговара пред една година, а не сега пред избори.

Таравари уште еднаш потврди дека на претстојните избори се планира неговата партија да настапи самостојно и со свои кандидати, но како што нагласи, конечната одлука треба да ја донесе Централното собрание, деновиве.

Левица не учествуваше на лидерската средба поради убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Лидерите, пред средбата, изразија сочувство поради смртта на девојчето.

(М.С.)