Американскиот режисер Мартин Скорсезе деновиве (20 февруари) ја прими почесната награда „Златна мечка“ за животно дело, која му беше врачена во рамките на 74. издание на Берлинскиот филмски фестивал (Берлинале).
На прес-конференцијата, пред врачувањето на наградата, 82-годишниот режисер изрази оптимизам за иднината на филмот. „Не мислам дека филмот умира, тој само се менува“, рече тој.
По доделувањето на наградата, беше прикажан филмот „Покојните“ („Departed“), дело на Скорсезе од 2006 година.
„За секој што гледа на филмот како на уметност која е способна да ја обликува приказната за да биде истовремено универзална и лична, Мартин Скорсезе е ненадминат модел. Неговите филмови ја придружуваа нашата историја како набљудувачи и човечки суштества, неговите ликови живееја и растеа во нас, неговиот поглед на историјата и човештвото ни помогна да разбереме и да се прашаме кои сме и од каде доаѓаме. Затоа е големо задоволство и чест уште еднаш да го поздравиме големиот пријател на фестивалот и да му ја доделиме нашата најважна почесна награда“, посочи претходно директорското дуо на Берлиналето, Мариете Рисенбек и Карло Чатријан.
Неговиот најнов филм, „Убијци на цветната месечина“ (The Killers of the Flower Moon), пак, како што истакнаа од Берлиналето, е едно од неговите најголеми остварувања. Дејството е сместено во 1920-тите, во Оклахома, кога под земјата на племето Осаж, домородно население од средниот запад на Америка, е откриена нафта. Ги убиваат луѓето од Осаж еден по еден сè додека ФБИ не влезе да ја разоткрие мистеријата. Самиот Скорсезе ќе рече дека филмот „нуди признавање на обемот на теророт што го доживеала заедницата Осаж, и тоа може да даде некаква утеха“. Во историската крими драма, главната улога ја толкува Леонардо ди Каприо, а го придружуваат Роберт де Ниро и Лили Гладстон. Филмот е номиниран во десет категории за „Оскар“, вклучувајќи ја и номинацијата на Гладстон за најдобра актерка, со што таа стана првата припадничка на американската популација на домородци која е номинирана за „Оскар“ во категоријата за најдобра актерка.
Мартин Скорсезе (1942 година, Квинс, Њујорк) од 1970-тите е еден од највлијателните филмаџии во светот на кинематографијата. Само режисерските дела на италијанскиот Американец со сицилијански корени опфаќаат повеќе од 70 филма. Многу од неговите дела испишаа филмска историја, а разновидноста на неговиот опус е уникатна. Негови најпознати филмови се: „Таксист“ (Taxi Driver) – 1975, „Бојата на парите“ (The Color of Money) 1986; „Добри момци“ (Goodfellas) 1990; „Време на невиност“ (The Age of Innocence) 1993; „Казино“ (Casino) – 1995; „Бандите на Њујорк“ (Gangs of New York) 2002; „Авијатичарот“ (The Aviator) – 2004; „Покојните “ (The Departed) 2006; „Shutter Island“ 2010; „Волкот од Волстрит“ (The Wolf of Wall Street) – 2013; „Тишина“ (Silence) 2016 и „Ирецот“ (The Irishman) 2019. Негови чести соработници актери се Роберт де Ниро и Леонардо ди Каприо. (Н.И.Т.)