Зимското одржување на патиштата оваа сезона ќе чини 8 милиони евра

76

Државните институции склучиле договори за јавни набавки со приватни фирми за механизација, работници, сол и ризла за одржување на улиците и патиштата во зимски услови за сезоната 2021-2022 година во вредност од половина милијарда денари (8 милиони евра), покажува истражувањето и базата на податоци на договорите на државните институции со приватни фирми за зимско одржување на улиците и патиштата за сезоната 2021-22 на Центарот за граѓански комуникации.

– Како и претходните години, така и оваа, најмногу пари за оваа намена ќе потроши Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – 317 милиони денари, односно  5,2 милиони евра што е 65 проценти од вредноста на вкупните договори за зимско одржување во земјава. Градот Скопје и уште девет други скопски општини сезонава за зимско чистење на улиците и за сол заедно ќе потрошат околу 1,4 милиони евра. Од другите општини, најмногу пари за зимско одржување планираат да потрошат Прилеп, Куманово и Струга. Прилеп – 195 илјади евра, Куманово 146 илјади евра и Струга 98 илјади евра, информира во соопштение тимот на ЦГК.

Оттаму наведуваат дека конкуренцијата на тендерите за зимско одржување е исклучително ниска, просечно по 1,7 понуди по тендер, а повеќе од половина од тендерите биле само со една понуда.

Од фирмите, според вредноста на договорите, на врвот е Димакс рудници од Демир Хисар со 7 милиони евра за две години или по 3,5 милиони евра на годишно ниво.

– Вкупната сума на трошоци за зимско одржување ќе биде и поголема ако се има предвид дека за пет тендери сѐ уште не се објавени склучените договори и нивните износи, посочуваат од ЦГК.

Истражувањето покажува дека Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта има вкупно девет договори за јавни набавки за одржување на патиштата во зимски услови со ангажирање на механизација и за набавка на сол и ризла. Пет се склучени годинава, а четири се склучени 2020 година за период од 2 години.

Град Скопје во 2021 година има склучено договори за чистење на улиците и за сол кои траат и оваа година, во вкупна вредност од 1,4 милиони евра, односно по околу 700 илјади евра годишно. Тендери за набавка на услуги за зимско чистење на улиците имале уште девет други скопски градски општини.

– Што се однесува до фирмите кои добиле тендери за зимско одржување, на прво место според бројот на договори е скопската фирма КИ-ЕМ која има седум договори за продажба на индустриска сол во вкупна вредност од 388.049 евра. Но, според вредноста на тендерите, други пет компании се носители на најголемиот дел од колачот. На врвот е Димакс рудници од Демир Хисар со четири тендери во вредност од 7 милиони евра за две години или по 3,5 милиони евра на годишно ниво. Три договори се склучени со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, и се однесуваат за набавка на индустрсика сол, ризла и механизација за превоз на ризлата, и еден договор е склучен со Општина Битола за набавка на ризла, стои во информацијата.

На второ место е Аполо Инженеринг со два договори, и тоа едниот склучен со Град Скопје во вредност од над 1 милион евра за две зимски сезони, а вториот со Општина Сарај во вредност од 48 илјади евра.

На трето место е фирмата ДИКОР ЦД Струмица која има договор со Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, за извршување патни работи во зимски услови на сите државни патишта во РСМ на територија на Подружница Штип во вредност од 548 илјади евра и договор со Општина Делчево во вредност од 23 илјади евра.

На четврто место според вредноста на склучените договори е ЈОСКАТРАНС-ТРЕЈД Демир Хисар со договорот склучен со Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта за извршување на патни работи во зимски услови на сите Државни патишта во РСМ на територија на Подружница Битола во вредност од 464 илјади евра.

На петто место на оваа листа е фирмата АНИЗОР Драшко од с.Шишево Сарај со склучени договори со општините Карпош, Центар, Ѓорче Петров и Бутел во вкупна вредност од 417 илјади евра.

Досега се склучени 69 договори за зимско одржување на улиците и патиштата и за набавка на сол и ризла. Тендери за зимско одржување на улици и патишта имале 36 општини и Градот Скопје, шест локални јавни претпријатија, државното Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Скопје, АД Електрани и Министерството за внатрешни работи.

Основа за пресметка на трошоците на институциите за зимско одржување на патиштата и улиците се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2021 и 2022 година за зимско одржување на улици и патишта, како и тендерите спроведени во 2020 година но со рок на важност на договорите од две години со кои всушност се покриваат трошоците за зимско одржување за 2021 и за 2022 година.