За Синдикатот бројките за падот на инфлацијата се нереални, за три месеци храната намалена за помалку од 1.000 денари

За Сојузот на синдикати на Македонија бројките за падот на инфлацијата не се реални и дека се прават вештачки напори за да се прикажат пониски бројки. Оттаму најавуваат дека ќе бараат ревизија на бројките, бидејќи нивните бројки не го покажуваат истото во однос на цените во маркетите кои сè уште се високи. Оттаму прашуваат како може за неколку месеци инфлацијата да падне од 14,7 во август на 3,5 отсто во октомври, а тоа граѓаните речиси воопшто да не го почувствуваат на семејниот буџет.

486

Стапката на инфлација во октомври се преполови, од 6,6 падна на 3,5 отсто. За власта падот на цените се должи на нивните мерки за замрзнување на цените на основните прехранбени производи. Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека бројките за падот на инфлацијата не се реални и оти цените во маркетите сè уште се многу високи. Поради тоа тие ќе бараат ревизија на бројките кои ги објавува статистиката за инфлацијата. Оттаму прашуваат како може за неколку месеци инфлацијата да падне од 14,7 во август на 3,5 отсто во октомври, а тоа граѓаните речиси воопшто да не го почувствуваат на семејниот буџет.

-Замрзнатите цени на основните прехранбени производи не вродија со плод. Намалувањето на цените не е повеќе од 10 денари по производ. Така на пример ако еден производ претходно чинел 30 денари и се покачил на 80, а потоа го намалиле на 70 и ја замрзнале таа цена не направиле ништо. Ако   видиме за овие три месеци потрошувачката кошница не е намалена ни 1.000 денари за да биде инфлацијата за еден месец намалена за 3,3 отсто, изјави Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија.

Тој за весникот ВЕЧЕР објаснува како може инфлацијата од 14,7 да падне на 3,5 отсто во октомври, а тоа граѓаните речиси воопшто да не го почувствуваат на семејниот буџет. Оттаму сметаат дека статистичките бројки за инфлацијата вештачки се штелуваат за да Владата покаже дека се грижи за стандардот на граѓаните.

-Навистина е нејасно и сметаме дека се прават вештачки напори за да падне инфлацијата. Ние ќе бараме да се направи ревизија на бројките, бидејќи нашите бројки не го покажуваат истото во однос на цените во маркетите кои се уште се високи. Ниту намалувањето на потрошувачката кошница за 2.000 денари во однос на минатиот месец не е реално, бидејќи тоа не се забележува по цените во маркетите, а граѓаните на ја зачувале куповната моќ, додава Пешевски.

Замрзнатите цени само минимално ја намалија цената, но „борбата“ не е завршена оти ова е само еднократно намалување, велат експертите. Според нив со поскапото парно и растот на ДДВ-то од 5 на 10 отсто во наредните месеци дополнително ќе се подгрее инфлацијата.

– Имаме среќа што поради глобалното затоплување сè уште не сме почнале да се грееме и трошоците сè уште ни се ниски. Ниту пак се купуваат лекови и дополнително се троши од семејниот буџет за сезонскиот грип кој сè уште не зел замав, смета Миле Бошков, економист и претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.

Тој додава дека животниот стандард на граѓаните не е подобрен и оти заштедите на граѓаните од преземените мерки на Владата изнесуваат од 100 до 150 денари.

Според власта, падот на инфлацијата се должи на нивните мерки за замрзнување на цените.

-Инфлацијата во делот на основните прехранбени производи во октомври е под 2%, а вкупната инфлација е преполовена споредено со претходниот месец. Тоа уште еднаш покажува дека мерките кои ги носиме се во интерес на граѓаните и заштита на животниот стандард, изјави Крешник Бектеши, министер за  економија.

Но, граѓаните речиси во сите анкетни истражувања се изјаснуваат дека Владата редовно доцни при носење на секоја мерка која треба да ја заузда инфлацијата. Така и во последното истражување на Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк„ може да се забележи дека граѓаните одговориле дека виновни за рекордната инфлација во регионот што ја имаше Македонија е токму власта.

Во септември Владата одлучи да ја замрзне цената на 25 групи производи, а по нецели три недели го зголеми ДДВ-то на илјадници артикли со образложение дека се луксузни или дека не се здрави. Меѓу другото поскапеа сите видови риба освен осличот, чипсот, мајонезот, сите апетисани и зачини, мастиките… Иако рекоа дека цигарите ќе поскапат по Нова година, од минатата недела тие се продаваат по 10 денари поскапо.

(А.С.)