Засадени сто дрвца во новиот парк во 11 Октомври – Бараки

57

Светскиот ден на животната средина во општина Кисела Вода беше одбележан со засадување дрвца во населбата 11 Октомври – Бараки. Акцијата што беше поддржана од УНДП и од ученици од ООУ „Невена Георгиева Дуња“, претставува почеток на активностите за изградба на современ парк на оваа локација, која до неодамна беше депонија. Паркот ќе се протега на површина од околу 8.500 квадратни метри. Ќе биде дополнет со пешачки патеки, сквер, со детско катче, со многу зеленило, и ќе биде современ простор за одмор и разонода на сите жители од овој дел на градот. Паралелно, дел од донираните дрвца од УНДП, ќе бидат искористени и за другите паркови во општината.

– Покрај на оваа локација која беше огромна депонија, а наскоро ќе прерасне во модерен парк, нови дрвца ќе засадиме и во другите паркови во општина Кисела Вода, меѓу кои и во новиот, Оксиген, кој е уште еден новоизграден парк за само 1,5 година, односно од почетокот на мојот мандат и кој, исто така, е дел од стратегијата што ја спроведуваме-на местото од дивите депонии, да градиме зелени паркови. Заштитата и унапредувањето на животната средина ќе останат да бидат врвен приоритет, што ќе резултира со нови парковски површини на места каде што постојат депонии, со акции за чистење и за пошумување, со акции за бесплатно подигнување на кабаст отпад, со едукација за правилна селекција и одложување на отпадот и бројни иницијативи со кои очекувам дека ќе се подигне и еколошката свест кај граѓаните – изјави градоначалникот на Гази Баба, Орце Ѓорѓиевски.

Дрвцата се донација од УНДП, а постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан истакна дека заедно можеме да ја заштитиме биолошката разновидност, да се соочиме со климатските промени и да ги поттикнеме заедниците да живеат и напредуваат во хармонија со природата.

– Со нашата посветеност на одржливи практики и заедничко дејствување отвораме пат кон позелена иднина. Да ја искористиме оваа можност да создадеме амбиент на одржливост за нашите деца и генерациите што доаѓаат – истакна Григорјан.