Продукцијата Систерс и брадер Митевски од денес 2 април (вторник), во Скопје, започна со снимање на долгометражeн филм „Скејтањето не е за девојчиња” во режија на Дина Дума.
„Овој проект е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска од каде што доаѓа креативна и техничка екипа, проект кој ни е особено драг бидејќи е сместен во енергична ромска заедница во Шуто Оризари. Ова е филм кој следи три генерации жени – додека тие се движат низ судирот меѓу традицијата и предизвиците од модерното време. Низ светогледот на 12-годишната Адела, филмот ни отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата“, велат од продукцијата.
Локациите на снимање се на територијата на Скопје. Главните улоги ги толкуваат натуршчици и актери од ромската популација, Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дина Дума, косценаристи Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминка Мојца Горогранц-Петрушевска, кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Лабина Митевска, копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац.
Проектот е финансиски поддржан од македонската Агенција за филм, од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија, Хрватска и од Еуроимаж.