Заврши протестот за стопирање увоз на опасен отпад, од „Петоци за иднината” очекуваат средба со Џафери

42

Заврши протестот на движењето „Петоци за иднината” на кој беше побарано да се изгласа законот за забрана на увоз на опасен отпад пред распуштање на парламентарен состав. Претставниците од движењето побараа и средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со цел да добијат објаснување зошто донесувањето на овој закон постојано се одложува.

Елена Данова од „Петоци за иднината” на денешниот протестен собир одржан пред Собранието, истакна дека сакаат да извршат притисок врз Собранието да се изгласа што побрзо измената на Законот за забрана на увоз на отпад и порача дека нема да бидат тивки се додека не се реши ситуацијата со отпадот. Според неа, потребни се конкретни активности за значително намалување на аерозагадувањето.

Таа додаде дека движењето „Петоци за иднината” ќе се приклучи и во блокадата на Цементарница Усје на 5 февруари.

-Денеска го доставивме барањето со коешто бараме од пратениците да се изгласа. Нашата држава нема капацитети, лаборатории и механизми за соодветно и неопходно испитување на отпадот којшто влегува во границите на државата за согорување. Токму затоа, бараме мораторитум на увозот на отпад се додека државата не оспособи лаборатории коишто ќе ги испитуваат потенцијалните отрови кои ги содржи увезеното ѓубвре, порачаа учесниците на протестот.

Законското решение веќе е на собраниска седница и требаше да биде изгласано, но точката на дневен ред беше прескокната со образложение дека треба да се направат дополнителни консултации.

Подоцна беше соопштено дека се проверува дали земјава ќе добие забрана за извоз на отпад доколку ние воведеме вакви мерки.