Животот понекогаш знае да биде немилослив – Пашиевски преживуваат со 100 евра месечно

Велија и неговата сопруга Зинета Пашевски од Сингелиќ се на работ на егзистенцијата. Месецот го поминуваат со социјална пензија од 100 евра, која веќе три години ја зема Велија. Тој е болен од срце и има 70 години. Има само пет години работен стаж. Работел како возач во фирмата „Маврово“. Неговата сопруга Зинета има 60 години и 20 години работен стаж и исто така е болна. Левата нога ѝ е парализирана, додека другата скоро си ја скршила.

476

-Би сакала да работам, а не да чекаме помош од други, но не можам. До сега не сум молела никого. И двајцата сме под терапија. За што попрво да стигнат 100 евра – ја раскажува животната судбина Зинета. Но, благодарение на добрите и хумани луѓе кои за нивната приказна дознале од социјалните мрежи почнала да им пристига помош. За ова семејство и нивната незавидна состојба дознал и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски кој ги посетил  и им однел она што им е најпотребно: машина за перење, електричен шпорет, како и соодветна количина на храна за следниот период и дрва за огрев.

Семејството Пашиевски од Сингелиќ, кое живее на улица „Радован Ковачевиќ“ е на работ на егзистенцијата. Едвај преживуваат со социјалната пензија од 100 евра која веќе три години ја зема Велија Пашиевски. Тој е болен од срце и има 70 години. Има само пет години работен стаж. Работел како шофер во фирмата „Маврово“. Неговата сопруга Зинета има 60 години и 20 години работен стаж, и исто така е болна. Левата нога и е парализирана, додека другата скоро си ја скршила.

-Два месеци бев неподвижна. Би сакала да работам, а не да чекаме помош од други, но не можам. До сега не сум молела никого. И двајцата сме под терапија. За што попрво да стигнат 100 евра – ја раскажува животната судбина Зинета.

Благодарение на социјалните мрежи каде била објавена нивната приказна почнала да им пристигнува помош од добри и хумани луѓе.

-Јас сум пресреќна и благодарна што сеуште има човечност, што сè уште постојат луѓе кои сакаат да им излезат во пресрет на оние што се во неволја, што имаат тешкотии. Почна да пристигнува помош. Некои праќаат и по карго. Навистина, Македонија е мала, но со големо срце – вели Зинета.

Нејзиниот сопруг има проблеми со здравјето, откако едвај успеал да се извлече од короната.

-Оттогаш има болест на срцето. Даваме 2.000 денари само за лекови – вели Зинета.

За нивната мака да биде уште поголема, иако имаат деца, двајца синови, тие не се со нив бидејќи издржуваат казна затвор.

-Не кријам, моите синови се во затвор. Осудени се на девет години затвор заради криумчарење на мигранти. Јас и сопругот останавме сами – со затреперен глас ја кажува својата судбина Зинета.

Но, таа додава дека некако ќе издржат се додека има добри луѓе.

За ова семејство и нивната незавидна состојба дознал и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Тој веднаш бил во посета на нивниот дом.

Тоа го потврди и тетка Зинета која изрази голема благодарност за помошта која и ја дал градоначалникот и Општина Гази Баба.

Како што објави на Фејсбук, Стефковски на ова семејство му однел она што му било најпотребно.

-За жал тешкиот живот ги довел на работ на егзистенцијата. При посетата им ја доставивме потребната бела техника (машина за перење, електричен шпорет) како и соодветна количество храна за следниот период и дрва за огрев. Среќен сум што со нашата мала помош бевме причината барем за миг да се врати насмевката на лицето на тетка Зинета – истакна Стефковски.

Тој им ветил на тетка Зинета и нејзиниот сопруг дека од него ќе добиваат помош секој месец во континуитет.

-Маката не познава етничка припадност, јас сум градоначалник на сите луѓе и така ќе биде до последниот ден од мојот мандат- заклучи Стефковски.

(А.П.)