ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: „Прифаќање“ на судбината

369
Проблемот не секогаш произлегува од судбината, туку од нашиот пристап кон животните борби и тешкотии. Не треба целосно да го исклучиме и влијанието на судбината, бидејќи сите ние го имаме Сатурн во наталната карта. Тој е планета на кармата, на искушението, на неизвесноста, на борбата, на притисокот, на ограничувањето, на болката и на страдањето.

Не постои човек што не се соочува со борби, тешкотии и предизвици. Eдни се борат со самите себе, други се борат со другите луѓе,  но мнозина се борат со ударите на судбината. Не постои идеална судбина, така што секој ќе мора да ги почувствува лошите состојби. Излезот е во способноста да се препознаат позитивните вредности и да не се потпадне под анксиозност, немир, фрустрација, гнев и чувство на неисполнетост. Колку и да се лоши околностите во животот, секој човек се стреми да биде среќен, да биде во хармонија, да има добро здравје, да биде во љубов, да има разбирање и да верува дека Бог ќе му помогне во критичните ситуации.

Од памтивека, луѓето си го поставувале прашањето: дали е запишано во ѕвездите дека ќе постигнам напредок и позитивни резултати? Неизвесноста е секогаш присутна, а подемите и падовите се неизбежен дел од човековото постоење. Некои лица станале неуспешни, бидејќи не успеале да ги искористат потенцијалите, не се справиле со тешкотиите и немале решенија за тоа што ги измачува. Наместо афирмативно да дејствуваат и да почнат да создаваат позитивни промени, тие опстојуваат со законот на отпорот и негативните вибрации.

Најголем пораз е кога не ги согледуваме сопствените вредности и кога не веруваме дека ќе успееме да ја подобриме состојбата. Значи, проблемот не секогаш произлегува од судбината, туку од нашиот пристап кон животните борби и тешкотии. Не треба целосно да го исклучиме и влијанието на судбината, бидејќи сите ние го имаме Сатурн во наталната карта. Тој е планета на кармата, на искушението, на неизвесноста, на борбата, на притисокот, на ограничувањето, на болката и на страдањето.

Секој, во одредено поле од животот, мора да вкуси болки и страдања, да почувствува немир, да се справи со искушенијата, да биде ставен на тестот на психофизичката издржливост. Во светите книги е запишано: „По страдание, следува откровение“. Од човековата духовна воздигнатост зависи дали ќе ја подигне свеста, ќе ги преиспита ограничувањата и ќе најде начин за справување со искушенијата.

Клучното прашање се однесува на прифаќањето на нештата врз кои не можеме да влијаеме. Никој не може да ја избегне кармата, зашто животот се состои од дејствување, а дејствувањето создава карма. Неретко кармата (судбината) одредила да имаме разочарување во љубовта, да налетаме на некомпатибилен партнер или да бидеме во релација со лица што се духовно неосвестени, неморални, суетни, алчни, конфликтни, егоистични или, пак, определени да ја разнебитуваат нашата личност. Можеби, сета таа околност е производ на кармата? Сепак, колку и да било судено да бидеме во релација со такви единки, од нашата свесност зависи како се справуваме со последиците од тој однос.

Иако кармата решава кога ќе нé ослободи од одреден однос или ситуација, наше е преку дармата да покажеме дека сме подготвени за промена и дека работиме на чистење и на ослободување од кармичката врзаност.

Филозофот Артур Шопенхауер има кажано: „Судбината ни ги дели картите, а од нас зависи како ќе одиграме“. Судбината одлучила да сретнеме лица со кои сме кармички поврзани, но наше е како ќе се справиме и на што ќе подлегнеме. Истото се однесува и на здравствената проблематика, на професијата, на семејните аспекти, на местото на живеење итн. Колку и да се предопределени нештата од судбината (кармата), сепак, ние одлучуваме дали врз основа на дармата (правилно морално постапување) ќе најдеме решение или ќе останеме на ниво на кармата, односно ќе бидеме принудени постојано да отплаќаме кармички долгови. Иако кармата решава кога ќе нé ослободи од одреден однос или ситуација, наше е преку дармата да покажеме дека сме подготвени за промена и дека работиме на чистење и на ослободување од кармичката врзаност.

Себеобвинувањето, обвинувањето на судбината и опстојувањето со јанѕа, немир и гнев не може да донесат позитивни резултати. Некои нешта морале да се случат, бидејќи така било запишано во ѕвездите. Затоа, најдобро е да се прифати судбината, но и да се работи на подобрување на судбината. Според Фридрих Ниче: „Љубовта кон судбината (amor fati) значи да прифатиме дека сé што ни се случува, дури и кога е непријатно тоа, се случува со некоја причина“.

Сепак, не е секој астролог за да знае каде му е поставен Сатурн во наталната карта и во кое поле ќе претрпи болки и страдања. Но, секој може да преиспита на кој план потешко му оди, каде ги повторува грешките, каде се соочува со пречки и искушенија и во кој домен стагнира или се уназадува. Некој има проблеми со здравјето, друг со себеприфаќањето, трет со роднините, четврти со љубовта, па иако е стабилен и доблестен – никако да пронајде сродна и хармонизирана личност. На некои лица кармата им определила да бидат незадоволни од работата, а на некои други – да имаат проблеми со финансиите итн.

Не значи дека нештата што сме ги добиле како предност и среќа (физичка убавина, материјални погодности итн.) вечно ќе опстојуваат во нашиот живот, ниту дека слабоста, ранливоста и ограничувањата вечно ќе нé блокираат и потиснуваат.

Животот не е еднонасочно програмиран, туку исполнет со многу борби и премрежиња. Во доменот во кој имаме среќа и напредок сме под заштита на планетата Јупитер. Но, под влијание сме и на Сатурн, а тој нè тестира, ни создава товар, притисоци и ни носи проблеми. Честопати предноста создава слабост, а слабоста може да се претвори во моќ. Не значи дека нештата што сме ги добиле како предност и среќа (физичка убавина, материјални погодности итн.) вечно ќе опстојуваат во нашиот живот, ниту дека слабоста, ранливоста и ограничувањата вечно ќе нé блокираат и потиснуваат.

Клучниот аспект е да се прифатиме себеси, да се согледаме себеси, да преиспитаме што е тоа што ни создава незадоволство и фрустрација. Треба да постигнеме спокојство, да се насочиме кон развојот и да ја елиминираме слабоста што нé измачува во животот. Од друга страна, не треба опсесивно да се бориме против животните проблеми и слабости, бидејќи нив ги имало, ги има и секогаш ќе ги има. Основно е да се фокусираме кон сопствените вредности и да осознаеме во што можеме да напредуваме. Ако имаме проблеми на љубовен или на финансиски план, тоа не значи дека треба да застанеме со својот професионален и личен развој.

Треба да го препознаеме доброто, да не се окупираме со лошото и да почнеме со љубов да гледаме кон судбината. Некој, можеби, се развел, доживеал љубовни разочарувања и бил изневерен, друг имал проблеми на професионален план, трет се соочувал со здравствени или семејни проблеми итн. Сето тоа е дел од минатото, кое не можеме да го промениме, туку треба да го прифатиме. Не постои човек што не загубил некој близок, не бил напуштен и не доживеал моменти на тага и разочарување. Тоа е дел од влијанието на судбината. Преку спомените треба да го разбудиме позитивното во себе, да се сеќаваме на она што било добро и да се чувствуваме благословено што сме имале одредени блиски личности покрај себе. Времето не можеме да го вратиме, но можеме да го подобриме тоа што го поседуваме во моментот.

Сé додека постоиме, ќе мора да се бориме со искушенијата, да се бориме со ударите на судбината, да работиме на прифаќање на судбината (кармата), но и да работиме на подобрување на судбината. Кармата не е железна нужност што го блокира патот и не дава можност за надминување на препреката. Кармата е во корелација со дармата, а таа секогаш отвора можност за промени, за духовно воздигнување, за позитивна енергија и за пронаоѓање на патот што води кон спокојството.

Колку и да е тешка нашата колективна, семејна и индивидуална карма, имаме можност низ позитивни вибрации, себеосознавање, едукација и духовна посветеност да ги исчистиме кармичките долгови. Со отплатата на кармичките долгови, ќе го ослободиме патот и ќе почнеме да се искачуваме кон високите врвови на постоењето.

 

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)