ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Избор на доброто

637

Стресот сé повеќе го разјадува современиот човек предизвикувајќи му анксиозност, психофизичка напнатост, страв и депресија. Стравот се појавува кога чувствуваме лична загрозеност и егзистенцијална несигурност. Сите овие нешта предизвикуваат отуѓеност помеѓу луѓето, недоверба во себеси, во другите и во државниот апарат. Мнозинството граѓани ја загубија надежта, бидејќи сфатија дека наместо да оди кон прогрес и да создаде предуслови за подобра живејачка, општествената ситуација станува се полоша.

Голема доблест е да се дејствува според начелата на моралот, духовноста и мудроста во општество кое исклучително ретко ги пропагира, почитува и препознава овие вредности. Потребно е врвно знаење да се биде дистанциран од негативните вибрации на околината и да се задржи присебноста во миговите кога доминираат неправдата, неморалот и деградацијата на професионалната должност и одговорност.

Константната подложност на стресогените фактори создава внатрешен немир, предизвикува разни болести, апатичност и страв од перспективите на иднината.Иако е нереално да очекуваме дека современото живеење кое е опфатено со многу промени, борби, тешкотии и неизвесности може да биде имуно на стрес, страв и отуѓување, сепак секој човек посакува стресот и разните егзистенцијални притисоци што помалку да бидат присутни во неговиот живот. Во тој поглед, проблемот не е во стресот (кој сé повеќе станува наша судбина), туку како ние реагираме на стресните ситуации и притисоци.

Гледано од духовен аспект, нужно се поставува прашањето: Каков би бил овој свет доколку сé во него е совршено, дали во тој случај би можеле да зборуваме за еволуција на свеста, духовен напредок и пат што води кон хармонија на душата?

Понекогаш средбата со негативното и соочувањето со страдањето е можност за духовно будење и осознавање кон какви животни цели ја водиме својата личност.
Борбата на доброто со злото е насекаде околу нас, па дури и во нас. Човекот одлучува кон што ќе се насочи и какви вредности ќе застапува. Многумина определиле идеја водилка да им бидат алчноста, егоизмот, ниските страсти, уништувањето на општото добро и служењето на нечестивата енергија. Некои други, пак, својата животна цел и смисла ја бараат во позитивните вредности, придонесот за општото добро, духовноста, етиката и воздигнувањето на категориите на чесност, хуманост и одговорност. Можеби уздите на владеење, управување и контролирање се во рацете на одредени нечестиви, кои на свој препознатлив (или прикриен) начин во преден план ги експонираат концептите на материјализмот, духовната неосвестеност, површност и алчност. Тие сметаат дека сите луѓе се исти и дека не постои човек кој не би ги искористил привилегиите и можностите да украде од општото добро, да им се предаде на ниските страсти и да ги обезвреди начелата на етиката и чесноста, доколку знае дека ќе помине неказнето за таквите недела.Нивната теза е дека преовладува максимата:„Што ми е гајле за другите, битно мене да ми биде добро“. Одговор за таквите поединци може да пронајдеме во мислата што ја искажал физичарот Алберт Ајнштајн: „Доколку луѓето се добри само затоа што се плашат од казна и се надеваат за награда, навистина сме за жалење“.

За разлика од социјалистичкото општествено уредување кое во преден план го истакнуваше колективизмот и јакнењето на системот на државата, капитализмот го наметна индивидуализмот и тезата дека „секој е одговорен за сопствениот живот“. Тоа предизвика социјална нееднаквост и трупање на огромен капитал во рацете на привилегираните поединци од бизнис елитата, естаблишментот и политиката. Мнозинството граѓани станаа алатка за поткусорување кои својата важност ја добиваат само кога ќе треба повторно и повторно да ги „заокружуваат“ избраните и умислено посебните.

Оставени самите на себе и подложени на разни експлоатации, манипулации и деградации голем број од луѓето се прашуваат до каде може да оди отсуството на срам, ненаситноста, корумпираноста, неодговорноста и неизвршувањето на должноста на т.н. моќници и негативно определени поединци.

Каде е излезот и што треба да направиме за да се заштитиме од сите овие токсицирачки влијанија обвиткани со велот на „избраноста, легитимноста и озаконетоста“?

Прво што треба да направиме е да научиме да бидеме жилави, отпорни, независнии самосвесни. Филозофот Албер Ками има кажано: „Не е проблем да се биде очаен, полошо е да се привикнеш на очајот“. Да се биде рамнодушен пред неправдите и да се дозволи нашата индивидуална и колективна самовредност и достоинство да бидат уништени од негативните и духовно неосвестени поединци, значи дека ништо друго и не заслужуваме. Секој поединец е должен да се бори за сопствените права и да се надева дека ќе победи правдата, доброто и позитивното. Благосостојбата не доаѓа самата по себе – таа секогаш е плод на лични активности и определби во насока на позитивните настојувања во животот. Пасивноста и допуштањето негативното да доминира и да го креира нашето живеење укажува дека имаме сериозни проблеми со самовредноста и со достоинството на личноста. Сите ние треба да ја имаме на ум размислата на Ајнштајн:„Светот е опасно место на живеењене поради луѓето кои се лоши, туку поради добрите луѓе кои стојат од страна и не преземаат ништода се спречи злото“.

Значи, треба да се биде активен, храбар, жилав и одговорен, зашто само така може да го победиме злото, без оглед од каде тоа доаѓа и со какви средства се служи со цел да нé направи малодушни, ранливи, слаби и зависни. Многу често и ние самите им кумуваме на овие категории бидејќи не веруваме во сопствените вредности, живееме со чувство на вина и го негуваме самоуништувачкиот синдром преточен низ зборовите: не можам; нема да успеам; не заслужувам; несреќен сум; ништо нема да се смени ако преземам нешто.

Самопочитувањето и жилавоста на духот се клучни фактори за соочување со незгодите. Колку сме пожилави, похрабри и порешителни, толку полесно ќе ни биде да станеме, да се извлечеме од кризата и да ја повратиме смислата на нашиот живот. Борбениот и издржлив човек знае да биде истраен во своите цели -тој не се предава и нé дозволува негативните вибрации на околината да го стопираат неговото напредување. Моќта да се дејствува кога е најпотребно и да се биде трпелив кога околностите не се најиделни за дејствување е знак за мудро и флексибилно однесување. Адаптацијата на промените и неутрализирањето на ударите на судбината се основни за одење напред во животот. Сите ние треба да се фокусираме на факторите врз кои имаме контрола без да се грижиме за нештата кои не можеме да ги контролираме и промениме.

Единственото нешто што постои и е под наша контрола е мигот на сегашноста. Не треба да се грижиме за минатото или за иднината, туку треба да ги цениме работите такви какви што се во овој момент, во сегашноста. Ние сме тука и сега, единствениот момент во кои сме живи е сегашниот момент, велелвиетнамскиот будистички монах Тик Нјат Хан.

За да го направиме мигот среќен, исполнет и хармоничен неопходно е да веруваме во сопствените вредности и да знаеме дека на крајот сé ќе биде добро. Колку и да е тешко и какво и да е општеството во кое живееме, ние бираме и одлучувамекако ќе се однесуваме кон мигот на сопственото постоење и кон тоа што го поседуваме. Највредното нешто кое го поседуваме е можноста да бираме. Секој нов миг е прилика за нов избор. Зашто нашиот избор да не биде доброто, убавото и позитивното? Од изборот што ќе го направиме зависи во какво општество ќе продолжиме да живееме; со какви вредносни норми ќе се развиваме и какви мигови на среќа ќе воспоставиме.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)