ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, Зоран Крстевски:  АЛЧНИ ПОБУДИ

381

Алтруизмот е мошне значајна етичка вредност, но зачувувањето на виталната енергија и преиспитувањето на релациите станаа нужна потреба во денешниот начин на живеење. Доминацијата на лагите, манипулациите и користољубивоста наметнаа многу повеќе да внимаваме во какви односи влегуваме со другите луѓе. Мнозина длабоко се разочарале откога безрезервно се потрошиле и непромислено се жртвувале за одредени лица, кои подоцна искажале големо непочитување, себичност и негативизам кон своите добротвори.

Замислете ја следнава ситуација. Тргнуваме по одреден пат и нè среќаваат неколку поединци што погрешиле нешто во животот. Првиот од нив не водел сметка за финансиите и константно трошел повеќе отколку што заработувал. Вториот имал висок статус, напредувал во кариерата и управувал со другите, но не водел сметка дека може да падне долу, па сега, поради тоа, нè „труе“. Третиот не бил насочен кон љубовта и ги игнорирал емоциите на блиската личност, па сега останал сам и нас нè полни со негативна енергија, зашто е сам. Четвртиот не го направил вистинскиот избор, па се определил да ги следи неморалните и негативни единки и откога доживеал разочарување, бара ние да го извлечеме од „дупката“ во која самиот паднал.

Сите тие индивидуи можеле да се насочат кон позитивното и афирмативното, но водени од егото, алчноста, ниските страсти или од себичноста, се определиле да му робуваат на предметното, телесното или на невредното.  Сега очекуваат прекуноќ, со волшебно стапче, веднаш да се искачат на врвот од своето тежнеење. Но, сè додека не ја научат животната лекција, нема да се искачат.

Многумина не сакаат да се соочат со сопствените слабости, туку бараат брзи решенија или некој да дојде да ги спаси, да им го каже волшебниот збор и да ги поведе кон среќата. Кај го има тоа? Прво треба да се потрудат и да поработат на својот личен развој. Задача на сите нас е да им овозможиме напредок и да им дадеме поддршка, но и да внимаваме, зашто таквите поединци може да нè повлечат кон дното, особено ако, поради своето негативно однесување, и заслужиле да бидат во бездната.

Итајќи кон својот животен пат и кон тоа што е наша цел, треба да внимаваме да не налетаме на луѓе што ќе нè фатат за рака и ќе нè повлечат кон бездната. Што е повлекување во бездна? Некој да ни ја троши креативната енергија; да нè исцрпува; да нè изместува; да гледа негативно кон тоа што го правиме за него; да нè вовлекува во пороци; постојано да бара од нас пари, внимание, емоции итн.

Дали може целосно да го задоволиме таквиот поединец?

Тоа е како да веруваме дека ќе се смири алчното око и дека повеќе нема да краде, туку ќе остави нешто и за другите. Ако му дадеме ние „доволно“ материјални средства, тој ќе се смири и ќе рече: „Доволно ми е“. Но, ако има тој еден милиони евра, сега ќе посака да има 10 милиони, потоа ќе копнее да поседува 100 милиони и сè така во недоглед. Така е и со секој човек што исклучиво се насочува кон сопствениот интерес и бара другите да го задоволуваат и да му се подредуваат. Нему ништо не му е доволно и тој не размислува за интеракциска поврзаност, туку само за себе и за тоа што може да го земе од другите.

Објективно гледано, ние живееме во мошне суров свет, така што е корисно да имаме фокус кон себе, но не како исклучување на другите и како целосно дистанцирање од моралот, вредноста и од духовноста. Задоволниот, исполнет, хармоничен и среќен поединец многу повеќе ќе придонесе за другите, зашто секој го емитира тоа што го носи длабоко во себе. Од друга страна, што ќе се случи со луѓето доколку постојано ја расфрлаат и ја раздаваат енергијата, без притоа да имаат време за себе и за своите потреби? Што може да им дадат на другите, ако постојано се „труени“, разнебитувани и деградирани. Така и ние, ако не водиме сметка за себе, еден ден ќе пропаднеме, ќе се токсицираме, ќе се потрошиме и ќе ги загубиме силата, свежината и виталноста. И тогаш може да биде предоцна за да ги промениме нештата. Во тој случај, и да сакаме, нема да имаме енергија за да им се дадеме на другите, кои би можеле да нè обвинат дека не сме насочени кон нив; дека ги оставаме; дека не внимаваме на нив; дека не сме исти како порано и дека не сакаме да им помагаме.

А тие не прават речиси ништо за да го хармонизираат сопствениот живот, туку константно бараат и се преоптоварени со тоа што не им го даваат другите. Мора да бидеме хумани и водени од добродетелта, односно треба да дадеме совет, да подадеме рака и да помогнеме, но треба и да внимаваме, зашто оној што константно бара нешто, а притоа ништо не прави за да возврати, утре може да стане сериозна закана. Во ова денешно време на живеење, зарем треба да зборуваме само за хуманитетот и за етиката?

Како да зборуваме кога, на пример, многу мултинационални компании пласираат неквалитет и штетни производи за здравјето на потрошувачот; кога детската порнографија е меѓу најмоќните индустрии во светот; кога се вртат најмногу пари преку продажбата на дрога, оружје, човечки органи и трговијата со бели робје; кога профитот од вакцините е побитен од здравјето на загрозените итн. Каде е тука хуманитетот и што се пласира на пазарот? Во името на материјализмот и на егоизмот, храната сè повеќе станува неквалитетна, воздухот и плодната почва константно се загадуваат, пивката вода сè повеќе ја снемува, се зголемува јазот меѓу малкутемина екстра богати и огромното мнозинство сиромашни лица, кои едвај врзуваат крај со крај итн.

Сите тие аномалии моќно се надвиснуваат врз човештвото и претставуваат сериозна закана за опстанокот на Земјата. Суровоста и определбата на моќниците и нивните корпорациски здруженија да се ориентираат исклучиво кон профит, создаде деградација на моралот, општите вредности и на духовноста. Прашањето е дали повеќето од функционерите водат сметка за обичниот човек, за неговата сигурност и за напредокот на општеството или сè е борба за власт, пари, моќ и за привилегии?

Споделувањето на нашите енергија и емоција треба да нè направи среќни, а не жртви на негативните и неблагодарни личности, кои не ја почитуваат направената добрина. Бидејќи во Светата книга пишува: „Кога ќе дадеш со десната рака, не гледај што прави левата“, најдобро е нештата да ги дадеме од срце и да не се преоптоваруваме. Поуката  е  ако сме решиле да помогнеме и да придонесеме за туѓиот напредок, да не се каеме и пишманиме доколку согледаме дека недоволно се почитува и возвраќа тоа што сме го направиле за другите.

Притоа, мошне важно е да ја следиме енергетската вибрација на сопственото битие, бидејќи на тој начин доаѓаме до информации за ситуациите и за околностите во кои се наоѓаме и за психофизичката состојба на нашиот организам. Најважно е да бидеме во корелација со енергетската обвивка (аура) и да се опуштиме. Треба да научиме како да ги чувствуваме негативните нешта, но и да ги препознаеме позитивните енергетски вибрации. Тоа подразбира да знаеме кога и како ни врши некој енергетски „вампиризам“ и од каде произлегува дисбалансот на нашата енергија. Заклучокот е да сфатиме дека само кога ќе се дистанцираме од неубавите нешта, нужно ќе ги воспоставиме позитивните и ќе постигнеме внатрешна хармонија.

 

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)