Блаже Конески беше поет пророк и за името и за „смачканото“ племе. Ние, Македонците, сме денес во трагична ситуација, па дури има и концепти за наше физичко истиснување. Но, оптимист сум поради две работи, вели  македонскиот поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач  Клетников, во разговор за весникот ВЕЧЕР

Во Гевгелија, пред голем број љубители на убавиот пишан збор, беше одржан книжевен портрет на македонскиот поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач Ефтим Клетников. Тој не го криеше своето задоволство што се претстави во Гевгелија, бидејќи овој град, како што рече, има една посебна медитеранска лиричност, убави пејзажи, а забележителна е на секој чекор благата и гостопримлива  душа на гевгелискиот човек.

Јас сум, истакна Клетников, пред сè  поет, но се восхитувам и на музиката и сликарството, бидејќи тие се трите грации на уметноста. Можеби денес не е поетско време, поради лошите настани што се случуваат во светот и кај нас, но затоа пак верувам во движечката сила на уметникот која создава убавина од болката, како што школката ја надминува својата болка која и ја предизвикува каменот во неа, токму со тоа што лачи материја од која го создава бисерот, рече Клетников.

Го искористивме неговото присуство, специјално за весникот ВЕЧЕР го запрашавме  за денешната ситуација во Македонија и дали можеби Блаже Конески бил пророк кога напишал дека „Името ни е толку големо што ќе повтат да ни го земат“ и неговата песна „Спомен по многу години“, во која со горчината на историските, животните и филозофските сознанија за себе и за својот народ ќе испее: „Уште рика маката во мене дека сум роден во смачкано племе!“?

-Ми поставивте комплексно прашање, бидејќи во сегашниов миг Македонија е во најтешката ситуација до сега. Знам, сме поминале пет века под Отоманската Империја, но овој момент кој го живееме е, ми се чини најтешкиот. Нас, Европа не лаже дека одиме кон неа, но во суштина, јас сметам дека како народ, не водат кон една кланица, и никој не може да ме убеди дека тоа не е така. Ќе се прашате зошто? Фашизмот на Европа е во подем, а тоа е сосема видливо во Макроновиот предлог за „бугаризација“ на Македонија.

Македонија е во трагична ситуација, станува збор за еден суптилен идентитетски геноцид, а според антрополозите, тој е најстрашниот вид на смрт што може да му се случи на еден народ, вели Клетников.

-Нам, на Македонците, тој геноцид започна да ни се случува уште со Преспанскиот договор во 2018 година, кога на еден силеџиски и крвнички начин, ни го сменија нашето вековно име. Знаете, не залудно, нашиот народ, уште пред 100 години ја испеа онаа песна за Европа, блудницата Вавилонска. Тоа не е случајно, зошто денеска Европа е уште поголема блудница.

Да се навратам на Блаже Конески. Тој беше поет пророк, тој тоа визионерство го покажа многупати. Некоја година пред целосното ослободување на нашата држава ја предвиде идната ситуација. Уште во април 1989 ја напиша и веќе на 17 мај истата година ја објави својата песна Лажни пророци (По евангелието)  во  која се вели: Ќе дојде време на лажни пророци што божем во мое име ќе ве збираат по плоштадите,ќе креваат врева до небеси, ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате! Тие мислат само на себеси. Бес ги распина внатре,
душите да ви ги затре.

А, кога ја напиша таа реченица за големината на нашето име, некои дури и му се потсмеваа. Јас сум се среќавал неколку пати со него, и тој ја чувствуваше болката на Македонија, неговите горчини кога пишуваше дека е роден во едно смачкано племе беа поразни и болни.  Но во исто време, тој проколнуваше, тој викаше, тој болно јачеше, дека сепак сето тоа не било така и нема да биде залудно за него и за неговото племе, вели Клетников.

Но, за негова жал, посмачкано од денес, македонското битие не може да биде. Јас не сакам сега да се навраќам на митот за Александар кога Македонија беше до Хималаите и до египетските пирамиди, и кога последниот фараон на египетската династија беше фараонката –Клеопатра, која ги заклучи круговите на египетската  династија. Но, Македонија е големо име, тоа се среќава уште на првите страници на Библијата, во Стариот завет, каде што се спомнува како земјата Китим, по внукот на најголемиот син на Ное. Името Македонија блеска ниц целата Света книга која не е само религиски туку и антрополошки и историски документ за развојот на целокупната западна цивилизација. Од првата до последната страница на Стариот и Новиот завет, се до доаѓањето, по Божји налог на Павле во Македонија. Блаже Конески знаеше дека Македонија е големо име и дека ќе сакаат да ни го земат, затоа што не можеше да им се допадне на Европа, името Македонија да го носи едно мало и „смачкано“ племе.

Јас напишав до сега повеќе од 2.000 страници колумни зошто сакаат да ни го земат името, објаснувајќи го тоа со фактот што македонскиот концепт на универзална држава на Александар се разликува од западниот концепт на модерната цивилизација која се однесува на еден концепт на колонијализам и пљачкосување на народите. Тоа се два сосема различни принципи.

Поетот вели дека Западот е наследник на Римската Империја која беше огромна култура од една страна, но и огромно варварство, од друга страна, кога луѓето се фрлаа  во устите на ѕверовите. Сега, нас не фрлаат како народ во устата на ѕверовите како во Римскиот колосеум.

Затоа, сега ние сме толку „смачкано“ племе, и поради притисокот од Западот, но уште повеќе и поради фактот  што самите прифативме да го смениме името и да нè нарекуваат Северна Македонија.

И, делува помалку смешно, кога сегашната елита на власт вели дека се бори да го зачува јазикот и идентитетот, не сфаќајки дека штом ти го земат името, сето друго ќе отиде курбан. Затоа што не може да сфатат дека нашиот целокупен идентитет, јазик и култура извираат токму од нашето име..

И, затоа сега, со Францускиот предлог се удира не само во вториот столб, во идентитетот, историската меморија  и јазикот, туку и во третиот столб, а тоа е Црквата, која нашите Владици, слободно тоа го велам, ја продаваат на фараниотите, на оние против кои Прличев се бореше целиот свој живот. Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја признава нашата Црква како Охридска црква на Стефан и тоа само во границите на Северна Македонија, додека не ги признава нашите македонски цркви по сите континенти, кои се побројни од овдешните, потенцира Клетников.

Да ја заокружам сликата, ние, Македонците сме денеска во енормно трагична ситуација, а дури има и концепти за наше физичко истиснување.

Ако ме прашувате има ли чаре, има ли излез од оваа ситуација, ќе ви кажам. Борбата за нашиот опстанок ќе трае, може и столетие, не сум оптимист дека лесно ќе излеземе од оваа работа, но според мене има две нешта кои може да придонесат да се повратиме „од смрт во живот“, како што велам јас.

Прво, ако се случи, не дај боже некоја голема светска катастрофа, а ситуацијата околу Русија и Украина може лесно да излезе од контрола. Зошто го велам ова. Ние, како Македонија, еднаш веќе излеговме од една таква светска катастрофа, а тоа беше Втората светска војна, со придобивките од АСНОМ, со чист како кристал македонски идентитет. За да излеземе од оваа ситуација можеби повторно треба такво нешто да се случи.

Второ, вербата во Бог. Јас верувам во тоа, затоа што Бог нема да ја заборави Македонија, бидејќи тој, Бог не случајно го испратил својот најревносен апостол Павле токму во Македонија. Да ве потсетам на тврдењата на многу проучувачи на Библијата дека ако не беше апостол Павле, немаше да успее проектот на христијанството. А, Павле не застанал ниту на Блискиот Исток, ниту во Мала Азија, туку воден од Светиот дух застанал во Македонија да ни помогне. Но, во западните преводи на Библијата ова не стои „се јави Македонецот“, туку „се јави човек од Македонија“, до таму оди, би рекол нивната перверзија.

Но, сите знаат дека од Македонија тргна Евангелието, радосната вест, првата Црква е во Македонија, а тоа е куќата на Лидија Македонката, од Македонија тргна христијанството, од овде па сè до Москва и Владивосток.

Љ. АЛЕКСОВСКИ