ЕУ загрижена за распоредувањето на српската војска на границата со Косово

274

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, вели дека Европската унија (ЕУ) е многу загрижена поради зајакнувањето на присуството на српската војска долж административната линија со Косово, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).

– Распоредувањето на армијата долж административната гранична линија со Косово е многу загрижувачко и мора веднаш да се прекине. На европскиот континент нема место за зајакнување на вооружувањето и безбедносните сили. Силите треба да се повлечат – изјави Борел во сабота на 30 септември пред група новинари од меѓународни медиуми.

Тој потврди дека е во редовен контакт со партнерите и сојузниците, вклучително и Соединетите Американски Држави (САД) и дека разговараат за актуелната ситуација на северот на Косово, која пред се бара деескалација и стабилизирање на безбедносната ситуација.

– Минатонеделното откривање на оружје и воена опрема е многу сериозно – изјави Борел.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека разговарал со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, со кого се согласиле дека е потребна деескалација на Косово, но не и во однос на акциите на косовската полиција на северот на Косово.

Тој рече дека ги негира невистините кои говорат за највисок степен на борбена готовност на српската војска, нагласувајќи дека не потпишал такво нешто.