Единаесеттото издание на „Про-за Балкан“ со рекорден број гости од странство

194
Од минатогодишното издание на „Про-за Балкан“

Свеченото отворање на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ е на 17 септември, во 20 часот, во Даутпашин амам каде ќе бидат претставени писателите-гости од повеќе земји од регионот и нивното дело. На 18 септември, во 20 часот, во „Јуроп хаус“ (Europe House), пак, ќе се одржи тркалезната маса на тема „Литературата како (де)конструкција на стварноста“. Словенечкиот романсиер, раскажувач, драматург и есеист Драго Јанчар, годинава е добитник на наградата „Прозарт“, која фестивалот ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот

 „Горди сме што за единаесеттото издание имаме рекорден број на гости од странство. Се надеваме дека странските издавачи ќе се заинтересираат за соработка со некои од нашите издавачи“, вели за весникот ВЕЧЕР, Дејан Трајкоски, директор на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, чие 11. издание ќе се одржи од 17 до 20 септември во Скопје.

Гости на фестивалот годинава ќе бидат писателите Драго Јанчар од Словенија, Владимир Левчев од Бугарија, Тарик Туфан од Турција, Слободан Шијан и Даница Вукичевиќ од Србија, Ренато Баретиќ од Хрватска и Снежана Младеновска Анѓелков од Македонија. Во рамките на „ПРО-ЗА Балкан“, годинава седум европски издавачи се дел од јубилејната 10. програма „Скопје фелоушип“.

Програмата е посветенa на странски издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути, а целта е тие да се запознаат со нашата книжевна сцена.

„И знаеме дека писателите ќе се однесуваат како во песната од Радован Павловски:

Подајте ми триножно столче

Во просторот да седнам

И сè што ве боли речете ми

Со метафора ќе го искамшикувам“, одговори Трајкоски на прашањето што очекува од ова издание.

Свеченото отворање на „Про-за Балкан“ е на 17 септември, во 20 часот, во Даутпашин амам каде што ќе бидат претставени писателите-гости од регионот и нивното дело. На 18 септември, пак, членови на „Скопје фелоушип“ програмата ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Истиот ден, во 20 часот, во Јуроп хаус (Europe House) ќе се одржи тркалезната маса на тема „Литературата како (де)конструкција на стварноста“ на која ќе учествуваат гостите писатели, а модератор ќе биде Владимир Јанковски. Фестивалот се затвора на 19 септември, во 20 часот, во Даутпашиниот амам каде што писателите ќе читаат извадоци од нивните дела, а говор ќе одржи добитникот на наградата „Прозарт“, Драго Јанчар. На 20 септември, во рамки на офф програмата на фестивалот, во Кинотеката на Македонија, од 20 часот ќе се прикаже филмот „Кој тоа таму пее“ во режија на Слободан Шијан, со присуство на авторот и разговор кој ќе го води Александар Прокопиев.

Инаку, како што е познато, наградата „Прозарт“, што фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ по 11. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на Драго Јанчар. Како романсиер, раскажувач, драматург и есеист, Јанчар е централна фигура во современата словенечка литература. Неговите романи, есеи и раскази се преведени на 33 јазика и објавени во Европа, Азија и САД. Додека неговите драми, поставени од голем број странски театри, дома се сметаат за најважни настани во словенечката театарска сезона. Јанчар има добиено голем број словенечки и меѓународни книжевни награди.

„Станува збор за автор со изострен нерв за современо раскажување и писателска моќ во коишто слика оригинални страници во словенечката и балканската проза. Неговите прозни дела во современата балканска и европска литература се наметнуваат како силен потенцијал во разоткривањето нови стратегии и можности на прозното писмо“, образложува жирито за доделување на наградата, во состав Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови.
Тарик Туфан (1973 година во Истанбул), пак, е познат романсиер, раскажувач, есеист и сценарист кој има објавено десет книги, вклучувајќи романи и збирки раскази. Ја освоил „Специјалната награда на жирито“ на филмскиот фестивал во Венеција во програмата „Хоризонти“ со филмот „Најава“ во кој биле еден од продуцентите.

Бугарскиот поет и писател Владимир Левчев има објавено четири книги поезија во САД, една во Италија, една во Романија, една во Македонија и 20 книги поезија во Бугарија. Неговиот роман „Крали Марко: Балканскиот принц“ е преведен и на македонски јазик.

На фестивалот доаѓа и познатиот филмски режисер, сценарист и писател Слободан Шијан (1946, Белград). Автор е на неколку најпопуларни српски играни филмови и низа публикации и книги за филмот и визуелната култура. Тој е добитник на многу домашни и меѓународни признанија за своите филмски остварувања.

Даница Вукиќевиќ, која живее и работи во Белград, пак, има објавено повеќе поетски книги, но пишува и проза, книжевна критика и есеи. Нејзините песни се преведени на повеќе јазици, а е добитник и на неколку награди.

Од Хрватска доаѓа Ренато Баретиќ кој работи и како филмски и телевизиски сценарист, новинар. Од 2007 година е уметнички директор на популарниот фестивал за раскажување приказни „Причигин“ во Сплит, Хрватска. Член е на Хрватското здружение на новинари, хрватскиот ПЕН центар и Друштвото на хрватските писатели.

Нашата Снежана Младеновска Анѓелков за нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011) е добитник на „Роман на годината“, а за нејзиниот втор роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда. Како автор е застапена во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press. (Н.И.Т.)