Египет распореди тенкови во близина на Газа: Подготвени сме да жртвуваме милиони, изјави премиерот

2018

Египетскиот премиер Мустафа Мадбули во вторникот изјави дека неговата земја е посветена на заштита на земјата и суверенитетот по секоја цена, одговарајќи на повиците да им се дозволи на палестинските бегалци од Газа да влезат во Египет.

„Подготвени сме да жртвуваме животи на милиони за да се осигураме дека никој нема да ја нападне нашата територија“, рече Мадбули на состанокот со воениот персонал и локалните лидери во Синај, според Вострит журнал.

Според премиерот, Египет никогаш нема да дозволи да му се наметне аранжман што би бил против негов интерес.

Како што пишува „Тајмс оф Израел“, Египет распоредил тенкови и оклопни возила во близина на граничниот премин Рафах во Газа.

Египет стравува од прилив од десетици илјади бегалци поради борбите меѓу Израел и Хамас во Газа и досега во голема мера ја држеше границата затворена, дозволувајќи им само камиони со помош во Газа.

Египет е ограничен со мировниот договор со Израел од 1979 година за бројот на сили што може да ги стационира на Синајскиот Полуостров, иако Израел во минатото му дозволуваше на Египет да ги надмине тие бројки за да се бори против бунтовничките исламистички групи во областа.

Потсетуваме, израелската разузнавачка служба изработи документ со кој се препорачува принудно преселување на Палестинците од Појасот Газа во Египет, на Синајскиот Полуостров.

Палестинците, од кои 2,3 милиони живеат во Газа, претходно ги отфрлија ваквите предлози.