Унгарија ги „одбива разговорите“ за европско финансирање на понатамошното вооружување на Украина додека Киев не ги врати правата на унгарското малцинство во Украина и не ја отстрани унгарската банка ОТП од листата на меѓународни спонзори на војната, изјави во четвртокот унгарскиот министер за надворешни работи.
Дебатата за војната повторно покажа дека треба повеќе да зборуваме за мирот „бидејќи огромното мнозинство сè уште зборува за војна“, рече Петер Сијарто по неформалните состаноци на европските министри за надворешни работи во Толедо, Шпанија.
Мнозинството е за продолжување на вооружувањето, додаде Сијарто, објави неговото министерство.
Овој пристап и предлогот на ЕУ да издвојува пет милијарди евра годишно за воена помош во следните четири години покажа дека „сите сметаат на долготрајна војна“, продолжи министерот.
За жал, денеска повторно бев единствениот кој зборуваше против тој пристап. Не сакаме уште четири години војна, сакавме да ја завршиме што е можно поскоро“, рече Сијарто.
Според него, Унгарија била под огромен притисок да гласа за нова транша од 500 милиони евра за испорака на оружје за Украина и пакет од 20 милијарди долари во следните четири години.
Тоа значи дека унгарските даночни обврзници ќе треба да платат 210 милиони евра иако „воопшто не се одговорни за војната“, нагласи тој.
Унгарија одбива да разговара за овие предлози додека Украина не ја отстрани ОТП банката од листата на меѓународни спонзори на војната. „Неверојатно е дека Унгарија се очекува да плати милиони евра од своите даночни обврзници за вооружување на Украина, а истата земја ја нарекува банката со сметките на три милиони Унгарци меѓународен спонзор на војната“, посочи тој.
Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, предложи да се сретне со Сијарто и со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, но подоцна се откажа, рече Сијарто и тврди дека му рекол на Борел дека ОТП банка не ги прекршила европските закони или санкции.
Што се однесува до унгарското малцинство во Украина, Сијарто рече дека на 1 септември ќе започне „украинизацијата“ на околу 15.000 ученици, а Унгарија истовремено ќе обезбеди образование за 5.000 украински деца бегалци.
Тој додаде дека новите правила кои стапуваат на сила во Украина претставуваат „сериозно кршење на меѓународното право“ и најави дека Унгарија ќе го смета ова прашање за приоритет кога наесен ќе почне евалуацијата на барањето на Киев за членство во ЕУ.