Долниот дом на полскиот парламент одобри ублажување на строгите прописи за контрацепција

131

Членовите на Долниот дом на полскиот парламент гласаа за легислатива со која на жените постари од 15 години им се дозволува да купуваат апчиња „утрото потоа“, либерализирајќи ги строгите репродуктивни регулативи наследени од претходната конзервативно-националистичка влада.

Гласањето во Долниот дом е првиот чекор во плановите на новата влада наклонета кон ЕУ за олабавување на полските забрани за абортус и контрацепција, кои се меѓу најстрогите во Европа.

Со 224 гласа „за“, 196 „против“ и еден воздржан пратениците ја поддржаа либерализацијата на пристапот до хормоналните контрацептивни таблети наречени „ела оне“ (ellaOne).

Апчето „ден потоа“, кое спречува бременост, моментално е достапна само на рецепт.

Претходната конзервативна влада, поддржана од претседателот на земјата, Анджеј Дуда, ги заостри репродуктивните закони, што предизвика огромни, повеќемесечни протести во кои учествуваа стотици илјади луѓе.

Во Полска, која е претежно римокатоличка земја, абортусот е легален само кога бременоста го загрозува животот или здравјето на жената или кога бременоста е резултат на силување.

Заострувањето на законот ги преплаши полските лекари, што доведе до смрт на неколку жени чија бременост беше опасна по нивното здравје. Тие случаи, исто така, предизвикаа демонстрации во земјата.

Конзервативната партија Право и Правда загуби на изборите на крајот на минатата година, откако беше на власт осум години.

Новите прописи за контрацепција треба да бидат потврдени од горниот дом на парламентот, Сенатот, што со право се очекува, а потоа да ги потпише претседателот Дуда.