Додик: Србите веќе не сакаат да живеат со Бошњаците

72

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, во четвртокот вечерта во центарот на Бања Лука собра неколку илјади поддржувачи во знак на протест против резолуцијата со која Генералното собрание на Обединетите нации би можела да го прогласи злосторството во Сребреница за геноцид.

На собирот тој повторно се закани со отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина, што наиде на бојкот кај опозициските партии кои го означија како политичка манипулација.

Злосторството над Бошњаците во Сребреница во 1995 Додик го нарече „грешка“ и „тешко злосторство“, но истакна дека не е геноцид. Кажа дека „одвратниот западен свет“ предводен од Германија учествува во заговор чија цел е на Србите да им се наметне колективна вина во корист на Бошњаците, и истакна дека Србите повеќе не сакаат да живеат со нив.

-Да има правда ние би биле во состав на Србија и не би постоело ова сра*е кое се вика БиХ, и така и ќе биде, кажа Додик, додавајќи дека верува дека за тоа ќе се создадат услови ако победи Доналд Трамп на изборите за американски претседател.