Диџеј Никола Јованов: „Мојата прва дневница изнесуваше ‘неверојатни’ 100 денари!“               

186

Зборот „диџеј“ доаѓа од англискиот збор „disk-jockey’, таканаречен јавач на плочи, личност што избира и пушта музика за да забавува други луѓе.

Диџеите може да се сретнат на радиостаниците, како и во ноќните клубови и на разни свечености (свадби, изложби, спортски настани…). Нивната улога во културниот живот е огромна, исто како и нивното влијание врз неговото развивање.

Овој пат, по повод 25 години од кариерата, разговараме со еден од најпознатите и најдобри диџеи во југоисточниот дел на Македонија и долгогодишен водител на Радио Тајм  ФМ од Гевгелија, Никола Јованов, попознат како DJ-H 20.

Здраво, Никола! Кога и како започна твојата кариера?

– Почетоците на мојата кариера датираат од крајот на претходниот век. Уште тогаш, веројатно, сум „намирисал“ дека ова е тоа што ме исполнува, каде што би можел да се докажам и да се реализирам. Како верен слушател на гевгелиските радиостаници, се јавував во контактните емисии и ги собирав речиси сите награди. А, подоцна, се префрли тоа и кај националните радиостаници и телевизии. Кога беше зависна мојата генерација од хитовите од поранешна Југославија, јас бев преокупиран со Ем-ти-ви. Еден тогашен грчки телевизиски канал го реемитуваше британскиот Ем-ти-ви и секојдневно се качував на покривот за да ја насочувам антената за да имам поквалитетен сигнал. Секоја недела, ја запишував британската топ-листа во тетратка и сè уште го чувам тој спомен.

Kоја беше твојата прва емисија на Радио Тајм ФМ?

– Почетоците со микрофонот и со емисиите во живо ми се од средината на 1999 година, кога го водев официјалниот „Тајм топ-10“ (подоцна се претвори во топ-20 формат). Како средношколци, имавме викенд-емисија со Мики и бевме хит меѓу нашата генерација. Инаку, на радио, пред микрофон, би бил 24/7, но на јавен настап, пред публика, сè уште имам голема трема.

 Како ти поминаа овие 25 години? Кои се твоите најважни моменти во кариерата?

– За овие 25 години, работев континуирано и на радио и како диџеј, без прекини, освен во текот на короната, кога не функционираа угостителските локали со полн капацитет. Статистиката, за овие 25 години кариера, бележи над 3 000 настани од отворен тип и над 5 00 приватни забави. Мојот музички потпис стои зад незаборавни музички забави, со музички жанрови според стилот на присутната публика. Од хитовски битови до ретро, подзаборавени ритми, кои најдобро ја размрдуваат публиката. Моите плеј-листи содржат нумери на многу јазици, особено ако биле по мерак на странските гости на приватните забави. Особено ми се драги оние со ретро македонска музика, кои подоцна одекнаа во целата наша земја, Македонија.

Како еден од најважните настани во кариерата ми е првата дневница, која изнесуваше „неверојатни“ 100 денари! Таа мотивациска искра тогаш и поривот „ова е тоа од кое сакам да заработувам“ ме одведоа на пат што покажа дека интуицијата ми била непогрешлива. Дека не мора да се следат социјалните стандарди за работа, дека работата, кариерата се создава, а не се наоѓа. Низ годините, научив дека клучот е во две компоненти: постојаност и приспособливост. Па така, постојано и будно ги следам сите музички новитети и случувања, без разлика на локацијата.

Кажи ни зошто остана во Гевгелија, а не замина во Скопје или некаде во странство?

– На почетокот од кариерата, имав амбиција да работам во Скопје, но, можеби, скромноста ме спречи да станам „поголем”. Мојот принцип на работа е old school – не се нудам, немам менаџер, едноставно, оставам добрите коментари и впечатоци на публиката да си го направат своето за следен ангажман. Друг „проблем” е тоа што не сум се „здружил“, кога требало, со автомобилот, односно не возам, иако имам положено. Всушност, мислам дека кога сум избирал, тогаш несвесно сум избрал да работам дома, наместо надвор, подалеку од Гевгелија.

Какво е чувството да забавуваш луѓе пуштајќи им музика?

– Па, искрено, убаво е кога ја споделуваш енергијата со присутните, со публиката, кои ти враќаат на ист начин. Таа енергетска размена ја „вози“ вечерта, забавата. Порано се подготвував многу повеќе за сет, зашто музиката не беше така достапна како сега. Често знаело да се случи да имам големи очекувања од некоја вечер, но било далеку од очекуваното. А, и обратно – кога се претворила навидум обична вечер во вечер за паметење и раскажување, задржувајќи ја публиката до попоследната песна. Ние, диџеите, ретко добиваме бакшиш. Иако беше еден од најмалите, би издвоил кога ми ja побара еден странски гостин Matt Monro – The Music Played. Можеби, моја најпозитивна страна е што знам да се приспособам секаде и во секаков амбиент. Веројатно, не сум најдобар на овие простори, но сигурно сум меѓу најподготвените.

Има ли некоја забава што би можел да ја издвоиш?

– Па, не можам да издвојам, но ми беше интересен периодот кога бев резидент диџеј во локално кафуле до 1 часот и веднаш потоа се префрлав во клуб до 4 часот, и тоа 4 дена во неделата. Траеше прилично долг период. Не би можел да издвојам некој посебен момент или забава, можеби, само ќе ја споменам забавата што ја организираме со колегите од Тајм ФМ, „Не дај се, генерацијо”, кога, главно, се врти музика од минатиот век. Убава можност генерациите што растеа во времето на дискотеките „Банго“, „Лав“, „Ава“ во Гевгелија, да се потсетат на, како што велиме,убавите времиња.

Каква е диџеј-сцената во Гевгелија и во Македонија во моментов и имаш ли идоли во оваа работа?

– Сега е многу полесно од порано. Идоли немам, но од Македонија ги почитувам Ниќифор и Гоце, како доследни на стилот на кој ја изградиле кариерата, како и покојниот Бабура, кој беше неприкосновен во тоа време. Во денешно време, за да станеш диџеј, не ти требаат многу финансии, ти треба пристап до Интернет, кој го има речиси секој.

Кои три песни никогаш не ти е здодевно да ги слушаш?

– Па, може и трите да се од „Coldplay“. Наскоро ќе ги гледам во живо и со тоа ќе си ја остварам животната желба, да бидам блиску до моите омилени артисти.

 Каква музика слушаш во слободно време ?

– Не слушам многу музика кога сум дома или каде било, но секогаш дома ми „свири“ Ем-ти-ви, со музика од минатиот век, со песни како за мене. Верувам дека, за сите со малку познавање од музиката, се далеку поквалитетни од оние што се создаваат денес.

Што најмногу ти пречи во нашиот музички етер во денешно време?

– Уф, ми пречи тоа што сите локали сакаат да наликуваат еден на друг, ретко некој знае што сака, да изгради свој стил, свој потпис. Иако се вложува многу во ентериерот, секогаш кога доаѓа до моментот „разглас“, се потфрла. А, тоа што се слуша 24/7 радио кое сите го слушаат, тоа е друг муабет. Според мене, секој локал може да си направи сопствено „радио” доколку знае што сака. Би било уникатно секое кафуле да е со посебна атмосфера, не само да е „препишано“ од комшиите.

 Што би бил кога не би бил диџеј и радиоводител?

– Па ,искрено, не се гледам себеси во некои други води, можеби, нешто со податоци, со нешто што бара педантност, дисциплина… Мислам дека лесно би се приспособил што било да работам, иако музиката секогаш ќе биде мојот дом.

Љубчо Алексовски