На голем народен митинг во Куманово, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, синоќа, ја промовираше програмата за претстојните парламентарни избори наречена „Проглас за достоинствена Македонија“.
Претседателот на ЗНАМ и кандидат за претседател на државата, Максим Димитриевски во своето обраќање рече дека Македонија повторно се буди од тука од Куманово и низ цела Македонија и порача: „Вечерва сум пресреќен што сум ваш сограѓанин и сакам оваа енергија да ја пренесеме низ цела Македонија. Сигурни сме затоа што ве имаме сите вас заедно тука, еден до еден, рамо до рамо. А не има низ цела Македонија. Допрва ќе се крене и повторно гордо ќе се вее македонското знаме, а и македонскиот народ, рамо до рамо со сите свои братски народи, граѓани на Република Македонија“.
Потенцираше дека власта се има откажано од се што е свето за Македонија и ако им се дозволи ќе продолжат да го прават тоа.
„Имаме историска обврска заедно да менуваме, затоа што граѓаните го залужуваат тоа. На вистински места да дојдат вистински луѓе. Ни заминуваат младите, со прст не мрдаат, ни отидоа генерации млади луѓе.Тие си заминуваат најмногу поради аздисаноста на власта и неправдата што се случува на секој чекор“, додаде Димитриевски.
Истакна дека оние што со пушка влегоа во параламентот и 20 години се постојано на власт, станаа недопирливи, никој не одговара.
„Единствено зад нив остануваат празни дупки од нивните инвестиции. До кога вака? Треба некој да стави крај на сето ова. Влегов во оваа борба за да ги охрабрам луѓето и да ставиме крај на ова самовластите во државата“ потенцира Димитриевски.
„Како што ветив пред две ипол години на локалните, дека на овие избори ќе изгуби раководството на СДСМ катастрофално, а ВМРО нема да победи, ветувам дека тоа така и сега ќе се случи“, рече тој и додаде: „Сакам да испратам порака – оваа енергија да ја пренесете до секој кумановец и кумановка и да им кажете дека се раѓа нова политичка сила во Македонија, Движење Знам – За наша Македонија. Движење кое дава кандидат за Претседател кој доаѓа од, ќе работи со и за граѓаните на Македонија. Македонија ќе го даде својот максимум на 24 април и на осми мај за својата иднина, за грѓаните и за иднината“, рече Димитриевски во обраќањето пред граѓаните на митингот во Куманово.
На собирот се обратија и носителите на кандидатските листи од сите изборни единици. Бобан Карапејоски, носител на листа на ИЕ 1, рече дека државата ја губиме затоа што владее корупција, никој не верува во судството, образованието се урнисува.
„За да се уништи еден народ доволно е да се уништи образованието. Ние од ЗНАМ ќе го вратиме достоинството на учителот и најдобрите да ги образуваат нашите деца. Македонија ни е се што имаме, а ЗНАМ знае како“, потенцира Карапејоски.
Даниел Стојчевски, носител на кандидатската листа во ИЕ 2, пред насобраните граѓани рече дека законите наместо да се темели на редот и поредокот за жал се само напишано парче хартија. „Ние сме тука да предложиме конкретни решенија за трајни промени“, додаде тој.
Павле Арсоски, носител на листата за ИЕ3, посочи дека е дојдено времето за промена за да ја зачуваме земјата.
„Нема да оставиме да ни ја бришаат историјата, да не бришат и пеплосуваат, како што пред некој ден ја пеплосаа Универзалната сала во Скопје. Не смееме да ги оставиме работите во рацете на неспособните“, рече Арсоски и додаде: Наша цел е враќање на достоинството на униформата во Армијата. Ни претстои напорна работа, но ние не се плашиме од работа“.
Миле Цеков, носител на кандидатската листа во ИЕ 4, рече дека патриотизмот во 21 век е борбата за Македонија како држава со една успешна економија. Особено внимание ќе се посвети на земјоделството и неговиот развој.
Весна Бендевска, ностелка на кандидатската листа во ИЕ 5, ги повика сите да се придружат на движењето ЗНАМ. Таа рече дека:
„ЗНАМ на овие избори има мисија да го предводи народот кој сака промени, да го обедини народот кој во срце ја носи Македонија, да ги разбуди оние што се колебаат, да ги охрабри неодлучните и да ги убеди оние што не веруваат дека промените се можни. Пред нас се избори кои ќе одлучуваат за иднината на Македонија. А иднина без минато нема“, рече Бендевска.
Небојша Захариевски, носител на ИЕ 6, рече дека на Македонија и е потребен одржлив економски раваој, а во тоа многу може да помогне туризмот.
„Ние од ЗНАМ ќе го искористиме тој потенцијал и ќе придонесеме Македонија да биде стабилна, силна држава со силна економија“.