Десет милиони евра за спортот преку ваучерскиот систем

41

Вкупно десет милиони евра годинава ќе бидат распределени на спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти преку системот на спортски ваучер за кој средствата се обезбедуваат преку приватните компании кои имаат можност со издвојување на 50 отсто од данокот на добивка да го инвестираат директно во спортот.

Како што истакна претседателот на Владата Оливер Спасовски, означувајќи го стартот на проектот за оваа година, тој ја потврдува владината и определбата на Агенцијата за млади и спорт за поддршка на спортот преку создавање најдобри услови за поддршка на спортот. Ваучерскиот систем иако почна да се спроведува лани на крајот од годината, покажал одличен потенцијал и дава одлични резултати.

-Поучени од првичното искуство со мерката во 2019 година, оваа година ваучерскиот систем за поддршка на спортот го отпочнуваме сега и ќе трае до крајот на 2020 година. Тоа ни дава за право да бидеме уверени дека проектираните средства од дополнителни 10 милиони евра за поддршка на спортот од ваучерскиот систем ќе бидат искористени целосно, односно 100 проценти. Дополнителните 10 милиони евра стигаат до крајните корисници – националните спортски федерации, клубовите и индивидуалните спортисти од олимписки и неолимписки спортови за создавање на квалитетни услови за врвни остварувања во клупскиот и во индивидуалниот спорт, рече Спасовски.

Директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски истакна дека 43 национални спортски федерации, 454 спортски клубови и 320 индивидуални спортисти годинава преку ваучерскиот систем ќе добијат дополнителна финансиска поддршка.