Македонскиот ракометен тим Металург, убедливо загуби на гостувањето кај Висла Плок со 38:19 во рамките на Европската лига.

Тимот од „Автокоманда“ се соочи со низа проблеми проблеми и пред овој натпревар. Поточно исто како и во дуелот со Чеховски Медведи, и на овој натпревар недостасуваше половина тим на Металург. Токму затоа полскиот вицешампион полесно ја оправда фаворитската улога, константно водеше од почетокот до крајот и заслужено славеше. Идентична ќе биде ситуацијата и кога за два дена на истото место овие два тима ќе го одиграат вториот дуел.

Меѓутоа добро за Металург на овој меч беше тоа што минутажа добија помладите ракометари, меѓу нив и 16-годишниот Давид Брестовац, син на тренерот Данило Брестовац, кој го имаше првиот настап меѓу стативите.

Најдобар кај победникот беше Шита со седум гола, пред Михиќ со пет, додека кај Металург, Поповиќ и Серафимов имаа по пет гола, Митиќ постигна три, а голманот Дупјачанец имаше осум интервенции.

Металург по пет кола во Европската лига нема победа, на контото има еден бод поради реми.