Анкетната комисија формирана за обелоденување на вистината за скандалот со онкологија со која претседава  пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе ја  одржи  првата седница со единствена точка на дневен ред  Предлог деловникот за работа на Комисијата. Како што изјави за весникот ВЕЧЕР, пратеничката Мизрахи, денеска ќе се утврди само план за работа, од идната недела ќе се стартува со повикување на сведоци, што значи ќе се знае кои функционери први ќе седнат пред пратениците. Првата седница на Анкетната комисија е закажана за денес во 13 часот.

Претходно Мизрахи  во изјава за медиумите информираше дека согласно одлуката, комисијата ќе биде надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите кои се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во оваа Клиника и целокупниот здравствен систем.

Доколку Анкетната комисија одлучи, како што кажа таа, на разговор ќе бидат повикани сите релевантни институци и функционери.

Анкетната комисија е формирана со одлука на пленумот откако во јавноста беа објавени информации за злоупотреба на терапијата за пациенти болни од рак, за што истрага отвори и Јавното обвинителство. Со 96 гласа „за“ и без „против“ или „воздржани“, пратениците  гласаа за избор на претседател и членови на Анкетната комисија која брои 12 членови и исто толку заменици. За заменик на Мизрахи во ова тело е избран нејзиниот сопартиец Александар Вељановски.

Членови на Комисија се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – Антонијо Милошоски, Гордана Сиљановска-Давкова, Иванка Василевска, Љупчо Пренџов и Петар Ристески, пратеници од СДСМ и коалицијата – Даниела Маркоска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски и Марија Георгиевска, пратениците Арбен Зибери и Бедри Фазли од ДУИ и Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците.

За нивни заменици, пак, избрани се Дајанчо Ефтимов, Дафина Стојаноска, Драган Ковачки, Тони Јаревски, Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Талевски, Маја Морачанин, Бети Рабаџиевска Наумовска и Соња Мираковска од СДСМ и коалицијата, Бајрам Кадрија и Берат Ајдари од ДУИ и Артина Казими од Алијанса за Албанците.

Се очекува во собраниска сала за време на процесот да се појават сите сегашни и поранешни министри за здравство и директори на Онкологија во периодот од 2020 година до сега.

Мизрахи најави дека нејзина главна цел е да се дојде до вистината во случајот, и доколку се испостави дека сомневањата се основани ќе бара и политичка одговорност.

На почетокот на септември беше извршен претрес на Клиниката за онкологија и во два приватни стана од каде беа одземени компјутери и документација по наводите во новинарски текстови за злоупотреба на лекови наменети за пациенти болни од рак.

Премиерот Димитар Ковачевски тогаш во изјава за медиумите рече дека ќе бидат санкционирани сите оние кои го прекршиле законот, но, апелираше да не се напаѓаат сите здравствени работници.

Пациенти болни од рак секој понеделник протестираат барајќи случајот да се истражи докрај.Паралелно обвинителството утврдува дали има кривично дело со препродажба на лекови на сметка на тешко болните.