Дома LIFE Денеска се чествува Светиот Архангел Михаил, празникот на војводата на сите ангели

Денеска се чествува Светиот Архангел Михаил, празникот на војводата на сите ангели

712

Православните христијани денеска го празнуваат Св. Архангел Михаил, еден од најголемите христијански празници и една од најчестите куќни слави.

Архангел Михаил е водачот на небесните војски кој секогаш се јавувал на местата на кои се појавувала Богородица, така што претставува небесна сила и заштита на земјата. Празникот на Архангел Михаил се нарекува уште и празник на војводата на сите ангели.

Главниот празник на Св. Архангел Михаил се празнува на 8 ноември (Јулијански календар) односно 21 ноември по нов стил. Се вика Собор на свети архангел Михаил. Тој е меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби, меѓу народот попознат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден.

Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.

Тогаш именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка…

Зошто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март, ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.