Претставата „Дон Жуан“ во продукција на Хрватското народно казалиште од Загреб е прогласена за најдобра претстава во целина, претставата „Собирачи на пердуви“ во продукција на Српското народно позориште од Нови Сад е наречена спектакл што ги надминува сите очекувања, а „Декамерон“ во продукција на Градскиот театар од Подгорица, Културниот центар Бар и на Народниот театар Ниш ја доби наградата за визуелен идентитет. Сите овие претстави, кои неодамна беа изведени на театарските сцени во регионот, се режирани од македонскиот режисер Дејан Пројковски

 

Секоја претстава во која македонскиот режисер Дејан Пројковски „ќе замеша прсти“ ја одушевува публиката во регионот, завршува со овации, а, како по правило, и наградите се неизоставни. Таков е случајот и со неодамнешните регионални изведби на претставите „Дон Жуан“, „Декамерон“ и „Собирачи на пердуви“ во негова режија. Дека се работи за театарски ремек-дела, доказ се и написите во медиумите.

За „Дон Жуан“ во продукција на Хрватското народно казалиште од Загреб, која е прогласена за најдобра претстава во целина, театарскиот критичар Давор Спишиќ напиша:

– Македонскиот режисер Дејан Пројковски, конечно, пристигна во Хрватска на својот аџилак. На сцената на Хрватското народно позориште во Загреб, со несебична помош на воодушевениот ансамбл, бескомпромисно го презеде и го оствари антологиското ресетирање на Молиеровиот „Дон Жуан“ (претставата на оваа сцена се игра за прв пат)“. И овој пат Пројковски работеше со својата докажана екипа, Валентин Светозарев како сценограф, Горан Трајкоски – одговорен за музиката и Олга Панго за сценските движења.

И за претставата „Собирачи на пердуви“ работена според истоимениот филм, која исто така е режирана од Пројковски, а е во продукција на Српското народно позориште од Нови Сад, имаше само пофални зборови.

– Одличната режија, маестралната актерска игра и колоритната сценографија на Дејан Пројковски се феноменално заокружени со музиката (Бели Оли и Скупљачи перја оркестра), која не само што многу интензивно нè воведува во целата приказна туку и нè држи во неа до самиот крај. Тоа е речиси од клучно значење во преведувањето на филмското платно на јазикот на театарот – напиша Милица Николиќ во својата рецензија.

Според Марко Радојичиќ, пак, се работи за спектакл што ги надминал сите очекувања.

– Нема поголема радост за мене од тоа кога ќе излезам од добра претстава исполнет со емоции и задоволство од секој нејзин сегмент. Безвременски текст на Ацо Петровиќ, во одлична адаптација на Сашо Димовски. Маестрален ансамбл предводен од талентираните актерки Бојана Милановиќ и Марта Береш, но и од Марко Савиќ во главната улога, кој симпатично го долови ромскиот „крал на собирачи на пердуви“. Ефективната сценографија на Валентин Светозарев и впечатливите костими на Ивана Ристиќ и музика на Оливер Јосифовски. Тие го обележаа секој сегмент од претставата! И, секако, доверливата режисерска способност на Дејан Пројковски создаде театарска магија во нешто повеќе од два часа. Овој спектакл е толку добар што верувам дека ќе ја обележи оваа (полу)сезона кај нас“.

Претставата „Декамерон“ која, исто така, е режирана од Дејан Пројковски, а е во продукција на Градскиот театар од Подгорица, на Културниот центар Бар и на Народниот театар Ниш беше наградена минатиот месец. На театарскиот фестивал „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, Србија, претставата со едногласна одлука ја доби наградата за визуелен идентитет „Крстомир Миловановиќ“. Во образложението е наведено дека  „уметноста и визуелниот идентитет на претставата, преку сценографијата на Валентин Светозарев и костимите на Марија Пупучевска, се особено значајни за драматургот и за режисерот и конкретните решенија, како во однос на целокупната атмосфера така и во смисла на претставата“.

Минатиот месец, во Александровац, беше освоена уште една во низата награди за „Ана Карењина“ на Пројковски.

Наградата „Милосав Буца Мирковиќ“ за најдобра актерска изведба гран-при ѝ беше доделена на актерката Марта Береш за улогата на Ана Карењина во истоимената претстава според романот на Толстој, во режија на Дејан Пројковски и во продукција на Новосадскиот театар. Одличната актерска екипа на „Ана Карењина“ ја воодушеви публиката, која ги награди изведувачите со овации. (Д.Т.)