Дебакл или купување време за внатрепартиски „дил“?!

Oдложениот отчетен конгрес на СДСМ, кој започна во неделата па беше одложен, треба да биде завршен до 30 јуни, односно пред внатрепартиските избори за нов претседател, истакна заменик-претседателката на партијата, Сања Лукаревска. Според неа, немало бојкот и „конгресен дебакл“ и одложувањето на конгресот не е преседан, туку едноставно, некои од делегатите не можеле да дојдат и било потребно повеќе време за анализа на извештаите и дебати во рамките на општинските организации. Спротивен став од неговата сопартијка има кандидатот за лидер на СДСМ, Јован Деспотовски, кој преку социјалните мрежи оцени дека станува збор за преседан, затоа што не се случило досега да не се одржи конгрес на партијата. Но, дел од членството и познавачите реагираа дека причината за прекинувањето на конгресот било што немало доволен број делегати, а одложувањето на активностите е обид на раководството во заминување да купи време додека не падне договор за идниот лидер

794

Oдложениот отчетен конгрес на СДСМ, кој започна во неделата па беше одложен, треба да биде завршен до 30 јуни, односно пред внатрепартиските избори за нов претседател, истакна заменик-претседателката на партијата, Сања Лукаревска. Според неа, немало бојкот и „конгресен дебакл“ и одложувањето на конгресот не е преседан, туку едноставно, некои од делегатите не можеле да дојдат и било потребно повеќе време за анализа на извештаите и дебати во рамките на општинските организации. Лукаревска рече дека по завршување на целиот тој процес, Конгресот ќе продолжи.

– Шпекулации има многу, но исто така и после војна има многу генерали. Некои не можеле да дојдат поради свои причини, но секако има делегати кои поради сопствениот револт, не се појавиле. Револтот на членството се преслика и на изборниот резултат. Тоа е анализата што треба да ги направи новиот претседател и раководство, но и старото раководство. Сметам дека треба да имаме продолжување за многу брзо време. Има посебна работна група која работи на отчетниот конгрес. Таму покрај извештајот, имаме многу други точки на дневен ред за дискутирање. Само едно на крајот можам да кажам – Конгресот на СДСМ е демократско начело и таму секој делегат може да каже што мисли и се надевам дека таму ќе има помалку критизери, а повеќе добронамерни критичари, рече Лукаревска во гостување во „Студио 10“ на ТВ24.

Ако конгресот не беше дебакл, СДСМ секако имаше еден дебакл – оној на изминатите претседателски и парламентарни избори, откако голем број високи членови на партијата сега се согласни дека социјалдемократите не ги анализираа причините и за лошиот изборен резултат на локалните избори во 2021 година.

Спротивен став од неговата сопартијка има кандидатот за лидер на СДСМ, Јован Деспотовски, кој преку социјалните мрежи оцени дека станува збор за преседан, затоа што не се случило досега да не се одржи конгрес на партијата.

 – Не се случило досега неодржување на конгрес во СДСМ. СДСМ имал тешки периоди и порази, но никогаш не се случило раководството и центрите на моќ во партијата да добијат ваква шлаканица од членовите. Она што се случи денес не е добро. Вознемирен сум како и голем дел од членството. Но не сум изненаден. Со години наназад, а особено последниов период, членовите се третирани како гласачка машина. Постојано им се сервираат готови решенија. Сите оние кои се повикуваа на членството и на „базата“ добија шлаканица и јасна порака од тоа членство дека се незадоволни, напиша Деспотовски на социјалните мрежи и порача дека на СДСМ му треба победнички лидер, а не пазарџија.

Откако по најавите на претседателот на СДСМ во оставка Димитар Ковачевски за „отворена дебата“ и „успешен Конгрес“ пред почетокот на состанокот во неделата, Конгресот беше прекинат, од партијата соопштија дека тој ќе продолжи откако општинските организации ќе се произнесат за извештајот за претседателските и парламентарните избори.

 -Поради обемниот материјал на Извештајот кој опфаќа политички, оперативен и аналитички дел, општинските организации на СДСМ побараа време за да го анализираат, да се произнесат и да дадат свој придонес, на ниво на општински изборни штабови и на ниво на општински организации во конечната верзија на извештајот. Предлогот беше поддржан од мнозинството присутни делегати со што се одлучи Конгресот да прекине со работа, да се даде време општинските организации да го анализираат Извештајот, да се произнесат и дадат свој придонес во конечната верзија со забелешки, сугестии и заклучоци, порачаа од партијата.

Но, дел од членството и познавачите реагираа дека причината за прекинувањето на конгресот било што немало доволен број делегати, а одложувањето на активностите е обид на раководството во заминување да купи време додека не падне договор за идниот лидер.

Од СДСМ ја најавија темелната внатрешна обнова на сите нивоа веднаш откако беа јасни резултатите од двојните претседателски и парламентарни избори, а Ковачевски на седница на партискиот Извршен одбор на 22 мај официјално го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.

Кандидатури за нов претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски. Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30 овој месец. (В.С.Н.)